logo
logo
logo

Мерц денеска заминува на средба со сојузниците во Париз и Варшава

Vecer | 07.05.2025

Мерц денеска заминува на средба со сојузниците во Париз и Варшава

Претходно планираното патување се случува еден ден откако Мерц во Бундестагот беше избран за канцелар во вториот обид. Неуспехот во првиот круг покажа неединство на коалицијата на неговите конзервативци со социјалдемократите.

Германските сојузници сепак се надеваат дека Мерц ќе го врати статусот на Берлин како предводник на Европа, откако минатата влада на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц беше обележана со внатрешни спорови кои резултираа со распад на коалицијата во ноември минатата година.

Мерц ја презема Германија во време кога Европа се обидува да се усогласи околу безбедносните гаранции за Украина, кои би биле дел од каков било потенцијален договор со Русија, и преговорите за трговски договор со САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави царини за речиси целиот свет.

- По години внатрешни спорови и непродуктивна политичка контемплација на минатата влада, сега е потребно германско водство кое не само што ја исполнува европската политика, туку и ја обликува, изјави Јана Пуглиерин, шефица на берлинската канцеларија на тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи.

- Шансите на Мерц да успее во тоа се добри. Тој планира во својата канцеларија да ги централизира надворешната и европската политика – да ја направи центар на донесување одлуки, додаде таа.

За прв пат по многу години, истата партија има канцелар и министер за надворешни работи. Мерц сака да формира и совет за национална безбедност за подобро да ги координира сите надворешни, развојни и одбранбени политики.

Конзервативецот (69), член на Европскиот парламент од 1989 до 1994 година, кој подоцна се повлече од политиката и премина во приватниот сектор, најави дека сака да ги поправи односите со европските сојузници.

Затегнатите односи со САД го направија тоа уште поголем императив. Ноќта кога беше избран, Мерц нагласи дека Европа мора да стекне поголема независност од САД во одбраната.

Тој исто така изрази несигурност во врска со иднината на НАТО и се чини поотворен за француските предлози за европска стратешка автономија и заедничка одбрана, сметаат аналитичарите.

Дури и пред да ја преземе функцијата, тој обезбеди историски фискален пакет мерки кои ќе ѝ овозможат на неговата влада драстично да ги зголеми издвојувањата за одбрана.

Неговата прва станица денеска е Париз, каде што ќе се сретне со претседателот Емануел Макрон, со кого, според француските функционери, веќе има добри односи.

- Мерц има длабоко познавање на светот на финансиите и економијата, а тоа е нешто што го приближува до Макрон, изјави еден функционер.

Францускиот претседател вчера на X напиша дека е нивна задача „да се осигураат дека француско-германскиот мотор и заедничкото одлучување се посилни од кога било“.

Мерц подоцна денеска патува во Полска, што ја покажува сè поголемата важност на таа земја во европската политика.

Новиот германски канцелар доцна синоќа за ЗДФ изјави дека со Макрон и полскиот претседател Доналд Туск ќе разговараат за усвојување на построга политика кон миграциите. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk