Во официјалното соопштение се наведува дека службите за итни случаи го извлекле човекот од морето на плажата Лонг Риф, но за жал, „тој починал на местото на настанот“, пишува Би-Би-Си.
„Два дела од даската за сурфање беа пронајдени и однесени на стручен преглед“, додаде полицијата.
„Критични повреди“
Голем број плажи во популарната област позната како Северни плажи се затворени поради инцидентот што се случил утрово. Полицијата извести дека службите за итни случаи одговориле на повик кратко по 10 часот по локално време дека „еден маж претрпел критични повреди“.
Идентитетот на жртвата сè уште не е официјално потврден. Локалните полицајци работат со експерти за да го „утврдат видот на ајкула“ одговорна за нападот.
Ретки, но смртоносни напади
Последниот фатален напад на ајкула во областа на Сиднеј е регистриран во 2022 година, кога британскиот инструктор по нуркање Сајмон Нелист беше убиен од голема бела ајкула. Пред тој инцидент, не беше регистриран фатален напад од 1963 година.
Австралија бележи околу 20 напади од ајкули годишно, најчесто во Нов Јужен Велс и Западна Австралија. Сепак, историски гледано, смртните случаи се ретки. Во повеќе од сто години статистичко следење, стапката на смртност од напади од ајкули во Австралија е 0,9 - тоа е помалку од едно лице годишно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата