Францускиот претседател Емануел Макрон денес негираше дека се скарал со сопругата Брижит, велејќи дека станува збор за „шега“, откако беше објавено видео на кое се чини дека првата дама му удира „шамар“ на францускиот лидер додека се подготвуваат да излезат од авион во Виетнам.
Макрон изјави пред новинарите во Ханој дека тој и сопругата „се шегувале, како што често прават“, а претставник од Елисејската палата за француските медиуми рече дека сцената прикажува „момент на блискост. Но тоа било доволно за да ги потхрани теоретичарите на заговор“.
Друг извор од палатата истакнал дека двојката „се опуштала за последен пат пред почетокот на посетата, забавувајќи се“.
„Сака да се шегува“
– Макрон сака да се шегува со својата сопруга пред официјални настани, а таа секогаш вака реагира... Тоа дури и не беше шамар – изјавил изворот.
Макрон нагласил дека и други видеа биле погрешно протолкувани, вклучувајќи ги и „заговорите“ за кокаин и расправијата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Гардијан.
– Луѓето мислеа дека делам кеса со кокаин, дека сум се скарал со турскиот претседател, а сега дека имам семејна расправија со сопругата... Ништо од тоа не е вистина. Сите треба малку да се смират – изјави тој.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, го прокоментираше инцидентот, велејќи дека раката на Брижит Макрон „можеби е рака на Кремљ“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата