Либанските сили делумно се вратија во градовите Маис ал Џабал и Хулу, кои се наоѓаат долж јужната граница со соседен Израел.
Колони од автомобили и луѓе со знамиња на Хезболах чекаа да влезат во нивните села во јужен Либан, придружувани од либанската армија.
Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), десетици илјади жители се вратиле во јужниот дел и во другите области на Либан по прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах во ноември.
Голем број жители на јужен Либан го поддржува Хезболах или неговото сојузничко движење Амал.
Според договорот, Хезболах мора да се повлече северно од реката Литани, околу 30 километри од јужната граница.
Портпаролот на израелската војска Авичаи Адраи на Икс објави дека на израелските сили им треба повеќе време за да се осигураат дека „Хезболах нема да може повторно да го воспостави своето воено присуство“.
Но, и покрај примирјето, израелската армија се судира со Либанците кои се обидуваат да се вратат во своите домови.
Министерството за здравство на Либан соопшти дека денеска израелската армија убиле едно лице, а повредени се седум луѓе, од кои едно дете, во јужниот дел на земјата. Додека вчера израелските војници вчера отворија оган врз жителите на јужен Либан, кои се обидоа да се вратат во своите села, при што се убиени 22 луѓе, а 124 се повредени.
Според договорот од 27 ноември, со кој завршија двомесечните борби меѓу Израел и Хезболах, израелската армија требаше да го заврши повлекувањето до 26 јануари. Но, израелските власти на 24 јануари соопштија дека Либан не ги почитува целосно своите обврски, поради што нивното повлекување ќе продолжи и надвор од планираниот рок. /МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата