Американскиот претседател Доналд Трамп во синоќа потпиша извршна наредба со која се прошируваат санкциите на САД против кубанската влада, изјавија за Ројтерс двајца претставници на Белата куќа, во обид да се зголеми притисокот врз Хавана по соборувањето на Николас Мадуро.
Новите санкции се насочени кон поединци, компании и филијали кои го поддржуваат безбедносниот апарат на кубанската влада или се вклучени во корупција и сериозни кршења на човековите права, како и кон агенти, службеници и поддржувачи на режимот, соопштија претставниците.
Во копија од наредбата, објавена од Белата куќа, се наведува дека санкциите можат да се воведат против „секое странско лице“ кое работи во енергетскиот, одбранбениот, рударскиот, финансискиот или безбедносниот сектор на кубанската економија, како и во други сектори што Вашингтон последователно ќе ги утврди.
Уредбата, исто така, дозволува воведување секундарни санкции за секој што врши или олеснува трансакции со субјекти кои се на црната листа на САД.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, изјави дека Хавана ги отфрла новите мерки, кои беа објавени за време на традиционалните прослави на Први мај. Тој оцени дека овие „еднострани мерки“ ја кршат Повелбата на Обединетите нации и претставуваат обид за колективно казнување на кубанскиот народ.
„Соединетите Американски Држави немаат право да наметнуваат мерки врз Куба, ниту врз трети земји или субјекти. Тие нема да нè заплашат“, рече Родригез на социјалните мрежи.
Со децении, САД бараа Куба да ја либерализира својата државна економија, да плати надомест за имотот национализиран по револуцијата и да одржи слободни и фер избори. Сепак, Куба инсистира дека нејзиниот социјалистички систем не е предмет на преговори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата