Договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Иран, кој беше објавен доцна синоќа од американскиот претседател, траеше мошне кратко. Само неколку часа по стапувањето во сила, двете страни повторно се впуштија во размена на напади.
Примирјето започна во раните утрински часови – 4 часот по иранско и 3 часот по израелско време – но наскоро потоа беа забележани нови воени дејствија од двете страни. Американскиот претседател ја изрази својата загриженост, посочувајќи дека Израел реагирал прекумерно во ноќните напади, но и дека Иран одговара со истата мерка, што претставува прекршување на договорот.
„Не ми се допаѓаат многу од работите што ги видов вчера, што Израел жестоко нападна веднаш штом го постигнавме примирјето. Не мораше да го направат тоа и не ми се допаѓа фактот што одговорот беше толку жесток. Но, да бидеме искрени, Израел многу напаѓаше. Сега слушам дека Израел повторно тргнал, бидејќи сметаат дека лансирањето на една ракета, која ништо не погоди, е прекршување. Ви велам, не ни се допаѓа тоа.
Во текот на краткотрајното примирје, Израел изврши воздушни напади врз неколку цели во Техеран, како и во северните и западните делови на Иран. Одговорот не доцнеше – Иран истрела нов бран балистички ракети, при што една од нив погоди станбена зграда во градот Бершеба, на југот на Израел. Тоа резултираше со четири човечки жртви. Овој град изминатава недела беше повторно погоден, по уништувањето на болницата Сорока.
Во одмаздничките напади врз Израел загинаа десетици лица. Луѓето овде велат дека се уморни од нападите и се надеваат дека примирјето ќе издржи. Некои од нив имаат пофални зборови за американскиот претседател, кој го објави примирјето, но скепцизмот доминира. Се надеваат дека овојпат ќе биде поразлично.
Сепак, во делови од израелското општество сѐ уште владее пркос.
Дали верувам дека примирјето ќе издржи? – Се надевам. Не знам, не може да им се верува. Но, ако не издржи, знаат каков ќе биде одговорот на Израел и тие не можат ништо да направат затоа што ние го контролираме небото.
Објавувањето на примирјето дојде веднаш по симболичен напад од страна на Иран врз американската воена база Ал Удеид во Катар. Сепак, се покажа дека станува збор за однапред испланирано сценарио, бидејќи не следуваше посилен американски одговор, а наместо тоа беше објавено дека Израел и Иран се согласиле на примирје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата