logo
logo
logo

Кошта: Внатрешните реформи во ЕУ се неопходни паралелно со проширувањето

Vecer | 02.07.2025

Кошта: Внатрешните реформи во ЕУ се неопходни паралелно со проширувањето

Доколку целиме кон градење на Европската Унија како современа и мултифункционална заедница, тогаш заедно со напорите што ги прават земјите кои тежнеат кон членство, неопходно е да се спроведат и внатрешни реформи во самите институции на Унијата, за нејзино прилагодување и развој, оцени претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во интервју за португалската агенција Луса.

Ако сакаме во иднина да напредуваме во нови области, природно е Унијата да ја продолжи оваа мултифункционалност. Ова прашање ќе биде неизбежен дел од дискусиите што следуваат.

Антонио Кошта

Кошта истакна дека неодамна одржаниот Самит на НАТО во Хаг ги отстрани дилемите околу иднината на сојузот. Тој пренесе дека по период на неизвесност, сите земји членки покажаа заложба за единство и натамошно зајакнување на Алијансата.

По неколку месечна несигурност во однос на иднината на Трансатлантскиот сојуз, сите сојузници се согласија да останат обединети, да ги унапредат односите и да работат заеднички кон нови цели. Алијансата останува најсилната заедничка одбранбена сила на светско ниво, се додека не биде докажано спротивното.

Антонио Кошта

Тој оцени и дека договорот што беше постигнат на Самитот за зголемување на одбранбените трошоци може да има позитивно влијание врз трговските преговори меѓу Европската Унија и САД, со надеж тие наскоро успешно да завршат.

Јасно е дека договорот меѓу Европејците и Американците во рамките на НАТО, може само позитивно да се одрази на трговските преговори. Дури би додал дека тоа логично ќе донесе позитивни ефекти врз економијата.

Антонио Кошта

Според неговите зборови, овие преговори треба да се финализираат што е можно побрзо и да донесат јасност, бидејќи нивното одолговлекување само ја зголемува несигурноста.

Согласувам дека договорот кој ќе го постигнеме, треба да има позитивен ефект за двете страни, или во најмала рака, да не биде неповолен за никого.

Антонио Кошта

Во однос на зголемениот ангажман за одбрана, Кошта укажа дека неопходно е паралелно да се зајакнува и социјалната држава, бидејќи занемарувањето на оваа компонента би било опасно за иднината на ЕУ.

Оние кои се обидуваат да изберат помеѓу социјалната држава и одбранбените трошења, всушност го предлагаат најлошото решение – колективно самоубиство. Не може да се очекува луѓето да се мобилизираат за одбрана, ако нивниот начин на живот не е заштитен. Европскиот модел на живот го темелиме токму врз силната социјална држава.

Антонио Кошта

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk