Лидерот на Христијанско-демократската унија (CDU) по второто гласање стана канцелар на Германија. Имајќи ја предвид улогата на Германија, се очекува Мерц да ја преземе лидерската улога во Европа која ја има францускиот претседател Емануел Макрон, што се должеше на слабото водство на претходниот германски канцелар Олаф Шолц.
Мерц, политички ветеран, партиски другар на Ангела Меркел, но всушност нејзин најголем противник во партијата, ја освои најмоќната функција во земјата по жестока борба, претрпувајќи го претходно истиот ден најголемиот дебакл низ кој поминал кој било кандидат за канцелар од Втората светска војна.
Ова беше прв пат во историјата на повоена Германија Бундестагот да не гласа за кандидат за канцелар на првото гласање, што, според германските аналитичари, претставува голем срам за наследникот на Олаф Шолц.
Фридрих Мерц е роден во западногерманскиот град Брилон во 1955 година во почитувано, конзервативно, католичко семејство. Неговиот татко работел како локален судија. Студирал право, а потоа во 1981 година се оженил со својата соученичка Шарлот Гас, со која сега има три деца.
Работел како адвокат неколку години, но секогаш бил привлечен од политиката и во 1989 година бил избран во Европскиот парламент на 33-годишна возраст.

Во 2002 година, тој беше избран за заменик-претседател на парламентарната група на Ангела Меркел. Во декември 2004 година, тој поднесе оставка од таа позиција, со што заврши долгогодишната борба за власт со Меркел.
Тој постепено се повлече од политиката и се посвети на својата приватна кариера, а официјално го напушти парламентот во 2009 година. Од 2004 година работеше како виш правен советник во „Мајер Браун“, каде што се специјализирал за спојувања и преземања, банкарство и финансии и усогласеност.
Во тој период, по 2004 година, кога ја напушти политиката, Мерц работеше како корпоративен адвокат.
Пред 2004 година, тој беше виш советник на Корнелиус Бартенбах Хеземан. Мерц подоцна стана претседател на одборот на директори на германската филијала на „БлекРок“, глобален инвестициски фонд, што го направи мултимилионер.
Во ноември 2018 година, во едно интервју, Мерц потврди дека е милионер (без да прави разлика помеѓу милионерите според приходот и богатството) и дека затоа се смета себеси за горната средна класа.
Подоцна тој прецизираше дека во тоа време заработувал „околу еден милион евра бруто“ годишно. Овие изјави наидоа на широка јавна реакција и предизвикаа критики во Германија. Новинарите, економистите и финансиските советници во Германија го сместуваат Мерц во повисоката класа.
Според Германската федерална банка, во тоа време тој бил меѓу најбогатите пет проценти од германското население со (вкупна) нето вредност од најмалку 722.000 евра. Приватниот имот на Мерц вклучува недвижен имот и два авиона.
Од светот на бизнисот назад кон политиката

Излегувањето на Мерц од политиката беше отскочна даска за неговиот влез во деловниот свет. Од 2005 до 2021 година, тој работеше во меѓународна адвокатска канцеларија и зазеде водечки позиции во надзорните и управните одбори. Од 2016 до 2020 година, тој беше претседател на Надзорниот одбор на германската филијала на најголемата светска компанија за управување со средства - BlackRock.
Откако Меркел го објави своето повлекување од политиката во 2021 година, Мерц се врати и постепено напредуваше. Во третиот обид, ЦДУ го избра за претседател на партијата на крајот на 2021 година. Дотогаш, тој веќе изгради репутација на економски либерален претставник на конзервативното крило на ЦДУ.
Мерц не само што успеа брзо да ја консолидира партијата, туку успеа и да ја врати на власт, победи на предвремените избори во Германија, а сега е избран и за канцелар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата