Кинеските државни медиуми во вторникот соопштија дека земјата ќе ги зголеми тарифите кон Соединетите Американски Држави доколку претседателот Доналд Трамп ја стави Кина на страна во трговските договори со други држави.
Од Кина тврдат дека, доколку САД ја отстранат од своите синџири за снабдување преку склучување на посебни трговски зделки со други азиски земји, тоа би го нарушило „нормалниот меѓународен трговски поредок“.
Ако се појават вакви ситуации, Кина нема да ги прифати и решително ќе преземе мерки за заштита на своите легитимни права и интереси.
Весникот продолжува: „Јасно е само едно: дијалогот и соработката се единствениот исправен пат.”
Анализата е потпишана со “Жонг Шенг”, или “Гласот на Кина”, термин кој весникот го користи за официјално искажување ставови за надворешната политика. Во неа се посочува дека тарифите кои ги наметнува Трамп преставуваат „малтретирање“ на светската трговија, подвлекувајќи дека „само со цврсти принципи може вистински да се заштитат легитимните права и интереси.“
Белата куќа и даде рок на Кина до 12 август за почеток на преговорите. Во моментов, просечната американска тарифа на кинески извоз изнесува 51,1%, додека кинеските давачки на американска стока се движат околу 32,6%.
Оваа недела Трамп ги зголеми своите тарифи и за други азиски држави: објави 25% увозни давачки за сојузниците Јужна Кореја и Јапонија, 36% за Тајланд и Камбоџа, 35% за Бангладеш, 32% за Индонезија, 40% за Мјанмар и Лаос, како и 25% за Малезија.
Во последните месеци има голем пораст на увозот на стоки од Кина преку други азиски земји како Виетнам, Тајланд, Малезија и Индија. Претседателот Трамп остро реагираше против таквите „транзитни пошиљки“, што е честа логистичка пракса за намалување на трошоци и консолидирање пратки. Тој обвинува дека Кина го користи ова за да ги избегне американските тарифи.
Виетнам постигна договор со администрацијата на Трамп минатата недела за намалување на тарифите на 20% (од досегашни 46%), додека за стоки „кои се транзитираат” низ Виетнам, обично со потекло од Кина, ќе важи данок од 40%.
Кина јавно се спротистави на било какви договори меѓу соседни земји и САД кои би ја исклучиле од синџирот на добавувачи. Во новиот коментар на „People’s Daily“ се вели дека ваквото однесување претставува „едностран акт на малтретирање, што сериозно го нарушува нормалниот меѓународен трговски поредок и мора цврсто да биде осудено.”
Кина цврсто се противи на секаква зделка што ги жртвува кинеските интереси во замена за намалување на тарифите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата