Маж нападнал и повредил три мали деца кои оделе во градинка во Цирих, соопшти швајцарската полиција. Осомничениот е уапсен.
Нешто по пладне полицијата добила дојава за инцидентот во областа Ерликон во најголемиот швајцарски град. Полицијата соопшти дека децата биле на пат кон градинката со жена која работи во установата кога маж ненадејно ги избодел со нож.
Работничката во градинка со помош на уште еден маж брзо го совладала напаѓачот и го држела додека не дојде полицијата. Полицијата соопшти дека напаѓачот е 23-годишен кинески државјанин, пишува Асошиејтед прес.
Трите петгодишни момчиња се пренесени во болници, од кои едно со тешки и две со умерени повреди, се вели во соопштението на полицијата. Полицијата не соопштува детали за можниот мотив за нападот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата