Километарски редици и сообраќајни метежи се формираа на патиштата, бидејќи жителите паничеа и се обидуваа да ги напуштат јужните предградија на Бејрут пред израелската армија да ги започне најавените воздушни напади.
Скоро идентични сцени беа видени во градот на почетокот на март, кога Израел ја започна својата последна офанзива против Хезболах. Да потсетиме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди напади врз Бејрут, прогласувајќи ги за „одговор на повторените и континуирани прекршувања на прекинот на огнот во Либан од страна на терористичката организација Хезболах“.
И покрај формално прогласеното прекин на огнот, Израел значително ја прошири својата воена офанзива во земјата во последните денови, а серија нови наредби за евакуација издадени од неговата армија сега опфаќаат околу 15 проценти од територијата на целиот Либан.
Израелски министер за одбрана: Нема мир во Бејрут
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека „нема да има мир во Бејрут“ ако продолжат нападите на Хезболах и најави воспоставување зона под целосна израелска воена контрола во областа на реката Литани во јужен Либан.
„Дахије во Бејрут не се разликува од заедниците во северен Израел - ако нема мир на север, нема да има мир ни во Бејрут“, се вели во официјалното соопштение од канцеларијата на министерот Кац. Тој се осврна на јужните предградија на либанската престолнина, силно упориште на Хезболах, за кое тој и премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно денес наредија воздушни напади.
„Во исто време, ИДФ продолжува да спроведува интензивни борбени и маневрирачки операции против терористите на Хезболах и нивната инфраструктура во Либан... Сето ова го правиме за да ја елиминираме заканата за нашите сили и народот на Државата Израел и да ја претвориме областа околу реката Литани во зона под безбедносна контрола на ИДФ, целосно исчистена од оружје и терористи“, заклучи Кац.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата