Хамас денеска прифати нов предлог од медијаторите во конфликтот во Газа, кој предвидува ослободување на десет живи израелски заложници во замена за 70-дневен прекин на огнот и делумно повлекување на израелската армија од палестинската територија, објавија АФП и Ројтерс, повикувајќи се на извори блиски до милитантната група.
„Новиот предлог, кој се смета за спроведување на пристапот и визијата на американскиот претставник Стив Виткоф, вклучува ослободување на десет живи израелски заложници што ги држи Хамас во замена за 70-дневен прекин на огнот, делумно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа и ослободување на голем број палестински затвореници“, изјави изворот за АФП, додавајќи дека медијаторите го презентирале предлогот „во последните неколку дена“.
„Хамас се согласува со предлогот на медијаторот“
Во меѓувреме, и АФП и Ројтерс објавија дека извори од Хамас им потврдиле дека милитантната група се согласува со предлогот на медијаторот.
„Хамас прифати нов предлог од американскиот претставник Стив Виткоф, кој движењето го доби од медијаторите и кој нагласува траен прекин на огнот во Појасот Газа“, изјави изворот за АФП, додавајќи дека групата ги информирала медијаторите за својата одлука. Палестински функционер близок до Хамас го потврди истото за Ројтерс.
„Невиден напад“
Израел сè уште не коментира за ова прашање, но израелската војска ги повика жителите на Газа да ги напуштат повеќето населби на југот од Појасот, додека се подготвува за „невиден напад“ врз терористичките организации во областа. Наредбата за евакуација беше објавена на арапски јазик. Се однесува на поголемите градови како што се Рафа и Кан Јунис, но и на сите други населби во јужна Газа, според мапата објавена од армијата.
На жителите на Газа им е кажано да се преселат во Ал-Маваси, тесен појас крајбрежно земјиште широк еден километар и долг 14 км во југозападна Газа, кој беше прогласен за хуманитарна зона за време на војната.
Милитантите продолжија да испукуваат ракети од областите за кои е наредена евакуација, соопшти израелската војска откако утрово пријави гранатирање од југот на палестинската територија.
Но, голем број смртни случаи беа пријавени во Кан Јунис, вториот по големина град во Појасот Газа, а војската повтори дека градот се смета за „опасна борбена зона“. Болницата „Насер“ и болницата „Ал-Амал“ во Кан Јунис беа ослободени од наредбата за евакуација, објави армијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата