Венецуела е во трка со времето по двата катастрофални земјотреса што во период од 40 секунди ја погодија јужноамериканската земја. Спасувачи, волонтери и роднини со голи раце се обидуваат да продрат под урнатините, од каде што со часови се слушаат гласови и повици за помош додека избезумани родители очајно ги бараат најблиските. Се трага по 10 илјади луѓе.
-Антонио! О, Боже мој... Антонио... извикуваше жителка на Каракас.
-Сцените беше како хорор филм. Моравме да газиме преку урнатини за да се извлечеме. , жителка на Каракас
Првиот земјотрес од 7,1 рихтеров степен ја погоди Венецуела околу 18 часот по локално време 160 километри од Каракас, а по првичниот шок, следуваше нов, од 7,5 степени, најсилен во последните сто години. Бројот на жртви од час во час расте, паралено со шокантната прогноза на американскиот геолошки институт, кој согледувајќи ги размерите на катастрофата предвиде од 10 до 100 илјади потенцијални жртви. Се работи за исклучително плитки потреси, под 30 километри длабочина. Венецуела прогласи вонредена состојба и ја повика нацијата на единство.
-Примарната порака до нашите граѓани е следна: да бидеме обединети и да спасиме животи. Повикуваме на најголема можна соработка со народот. Домовите кои имаат претрпено голема штета на инфраструктурата мора да се евакуираат. , изјави Делси Родригез, претседателка на Венецуела.
Најпогоден е северниот регион Ла Гваира, каде со земја се срамнети и повеќекатници, како овој хотел од 10 ката северно од главниот град Каракас. Илјадници луѓе се без струја, вода и интернет и ноќта ја поминаа под ведро небо. Дел стравувајќи од нов земјотрес, дел како што велат, немаат каде да се вратат.
-За среќа, моето семејство, сопругата и внуката беа надвор од зградата, а кога дојдовме ја видовме целосно урната. Што можам да кажам? Колку семејства воопшто ќе можат да имаат покрив над глава во вака уништениот Каракас? , вели жител на Каракас
-Беше многу силен и долг. Не паметиме досега ваков земјотрес. Се внатре е уништено. Прозорци, садови, се... , изјави жителка на Каракас.
Повеќе десетици држави понудија помош за Венецуела, вклучително и американскиот претседател Доналд Трамп, кој на социјалните мрежи напиша дека се работи за катастрофален број жртви и оти Вашингтон е подготвен за брза акција. Со порака се огласи и соборениот венецуелски лидер, Николас Мадуро од американскиот затвор каде што половина година е сместен по приведувањето од САД. Време е за максимално единство и солидарност, напиша Мадуро.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата