Откако доцна синоќа беше виден како го напушта окружниот воен штаб во Ростов, не е познато каде е Евгениј Пригожин денеска, јавуваат светските агенции.
Тешко вооружените руски платеници „Вагнер“ се повлекоа во текот на ноќта од јужниот руски град Ростов, откако го запреа нивното напредување кон Москва според договорот што стави крај на кризата што претставуваше невиден предизвик за авторитетот на претседателот Владимир Путин.
Според договорот, со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, борците на групата Вагнер би се вратиле во своите бази во замена за безбедносни гаранции, а нивниот лидер Евгениј Пригожин би се преселил во Белорусија.
Тој беше виден како го напушта окружниот воен штаб во Ростов, стотици километри јужно од Москва, доцна во саботата со возило, но неговата локација не е позната, објави британската новинска агенција Ројтерс.
Чеченските сили се повлекоа од Ростовската област
Француската новинска агенција АФП напиша дека Пригожин мора да замине во Белорусија, а во недела наутро, кога беше закажано тоа заминување, не се знае каде е главата на Вагнер.
Борците на Вагнер се повлекуваат од регионот Воронеж, кој граничи со Украина, соопштија локалните власти, наведувајќи дека повлекувањето се одвива „без инциденти“.
Главниот град Москва беше тивок по договорот за деескалација, со малку докази за зголемена безбедност на улиците. Понеделник беше прогласен за неработен ден за да се остави време работите да си дојдат на свое место.
Чеченските специјални сили распоредени во руската област Ростов за да се спротивстават на напредувањето на платеничката група на Вагнер, исто така, се повлекоа објави новинската агенција ТАСС, цитирајќи го командантот.
Специјалните сили се враќаат таму каде што се бореле претходно, изјави командантот Аптиј Алаудинов, пренесе новинската агенција.
Одземени пари
Ситуацијата пред Центарот на приватната воена компанија „Вагнер“ во центарот на Санкт Петербург утринава е мирна, зградата е затворена, а стражарите дежураат внатре и патролираат по периметарот, јави дописникот на руската агенција ТАСС.
Руските специјалци вчера заплениле околу 48 милиони долари од седиштето на групата Вагнер.
Официјални лица за спроведување на законот и регионалната администрација одбија да ја коментираат моменталната ситуација, но претставник на безбедносната служба на ПВК на Вагнер за ТАСС изјави дека службата за безбедност продолжува да работи во „нормален режим“.
Во близина на зградата нема никој освен обезбедување и полицајци, пешаци се движат по соседните улици и нема ограничувања во сообраќајот.
Сите ознаки на зградата на седиштето на Вагнер останаа недопрени - на покривот на зградата и над влезот, една од бариерите на влезот во центарот е скршена, но останатите структури се недопрени.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата