Претседателот на Јужна Кореја утрово изрази жалење за упадите со беспилотни летала на севернокорејска територија претходно оваа година, опишувајќи го како чин на неодговорни поединци и нагласувајќи ја посветеноста на Сеул за спречување на идни инциденти.
„Изразуваме жалење до Северна Кореја за фактот дека непотребни воени тензии се предизвикани од неодговорни и непромислени постапки на некои поединци“, рече претседателот Ли Џе Мјунг на состанокот на кабинетот.
Ли рече дека истрагата на јужнокорејските власти открила дека вработен во Националната разузнавачка служба и активен воен службеник биле вклучени во случајот, додавајќи дека уставот забранува индивидуални провокации против Северна Кореја.
Пјонгјанг во јануари објави дека беспилотни летала испратени од Јужна Кореја го нарушиле нејзиниот воздушен простор, обвинувајќи го Сеул за сериозна провокација.
Јужна Кореја негираше каква било воена вмешаност и започна заедничка воено-полициска истрага, чиј епилог е обвинение против Јужнокорејците за кршење на законите за воздухопловство и национална безбедност, поради неовластената употреба и летови на беспилотни летала.
Северна Кореја собори беспилотни летала што прелетаа на нејзина територија, а поради зголемените тензии во последните месеци, ја прогласи Јужна Кореја за „најнепријателска“ земја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата