logo
logo
logo

Израелски преговарачи заминуваат во Катар на разговори за прекин на огнот со Хамас

Vecer | 06.07.2025

Израелски преговарачи заминуваат во Катар на разговори за прекин на огнот со Хамас

Израелски претставници во недела ќе отпатуваат за Катар за да учествуваат на нова рунда разговори за прекин на огнот со Хамас, иако движењето направи „неприфатливи“ промени во американскиот предлог за решение, соопшти канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Израелските власти размислуваа дали да ги продолжат индиректните разговори откако Хамас во четвртокот даде „позитивен“ одговор на предлогот за 60-дневен прекин на огнот.

Во соопштението се потенцира дека иако барањата на Хамас за измена на катарскиот предлог не се прифатливи за Израел, сепак на барање на премиерот Нетанјаху, делегацијата ќе замине за Катар со цел да продолжат контактите за ослободување на заложниците врз основа на предлогот кој Израел веќе го прифатил.

Одлуката на Израел да продолжи со преговорите доаѓа непосредно пред планираната средба помеѓу премиерот Нетанјаху и претседателот Доналд Трамп, која ќе се одржи во Белата куќа во понеделник. Од таму се очекува Трамп да најави потенцијален договор за прекин на огнот.

Трамп одамна најави дека ќе инсистира пред Нетанјаху на прекин на војната против Хамас, која трае речиси две години и во која, од октомври 2023 година, имаше само два пократки периоди на примирје.

Како стојат преговорите за прекин на огнот пред средбата Трамп-Нетанјаху?

Преку актуелниот предлог, се бараше да бидат ослободени заложниците кои ги држи Хамас, а за возврат Израел да ослободи палестински затвореници.

Но, Хамас во својата реакција бара Израел да попушти на три клучни точки за да се постигне договор: на кој начин ќе влегува хуманитарна помош во Појасот Газа за време на примирјето, колку далеку ќе се повлечат израелските сили додека трае мирувањето на непријателствата, како и употребата на јазик што би потврдил подготвеност на двете страни трајно да го прекинат конфликтот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk