Израелски воздушни напади врз Хутите во Јемен
Израелското воено воздухопловство на почетокот од неделата нападна три пристаништа под контрола на Хутите и една електрана во Јемен, соопштија Изралските одбранбени сили (IDF).
Оваа воена операција, наречена „Црно знаме“, вклучуваше напади на пристаништата Ал Худајда, Рас Иса и Салиф, како и електраната Рас Канатиб и бродот Galaxy Leader, кој беше киднапиран од бунтовниците во 2023 година.
IDF соопшти дека овие локации биле искористени за пренос на иранско оружје и напади врз израелски цивили со беспилотни летала и ракети. Бродот <em>Galaxy Leader</em>, чиј екипаж беше заробен од Хутите, а потоа ослободен на почетокот од 2025 година, исто така бил опремен со радарски систем за следење на меѓународни бродови во терористички акции.
IDF ќе продолжи да дејствува против закани врз израелските граѓани — каде и да е потребно.
Овој напад врз јеменските Хути, кои се сметаат за сојузници и продолжена рака на Иран, доаѓа откако Израел ја заврши 12-дневната војна со иранскиот режим. Војната беше одбележана со повеќе напади од двете страни, но Иран претрпе сериозни загуби во врвното воено раководство и нуклеарна инфраструктура.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, порача дека операциите против Хутите, кои според извештаи повторно го нарушија меѓународниот поморски сообраќај со напад на трговски брод во Црвеното Море, ќе имаат ист интензитет.
Судбината на Јемен е иста како и таа на Техеран. Секој што ќе се обиде да го повреди Израел ќе биде повреден, и секој што ќе дигне рака против државата ќе ја изгуби. Хутите ќе продолжат да плаќаат висока цена за своите акции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата