Според весникот, приведен е шефот на кабинетот на израелскиот премиер, Цахи Браверман, кој е одведен на распит поради наводен обид да ја попречи истрагата за оддавање доверливи разузнавачки информации на германскиот весник „Билд“.
Истражителите на полициската единица за тешки кривични дела „Лахав 433“ утрово извршиле претрес во домот на Браверман, по што тој бил приведен и однесен на испрашување во седиштето на единицата во градот Лод, под сомнеж дека ја попречувал правдата.
Приведувањето уследи откако поранешниот портпарол на Нетанјаху, Ели Фелдштајн, кој е обвинет, изнесе тврдења дека Браверман знаел за тајната истрага за протекувањето информации со месеци пред таа да стане јавна и дека го уверувал поранешниот соработник дека ќе може да ја стопира истрагата.
Во претходно интервју за телевизијата Канал 12, Фелдштајн изјави дека Браверман побарал да се сретнат доцна навечер во подземен паркинг во воениот штаб „Кирија“, каде што го информирал дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) започнале истрага за протекување информации.
Браверман, инаку, во наредните месеци треба да ја преземе функцијата амбасадор на Израел во Обединетото Кралство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата