Израел значително ги прошири воздушните напади врз Дамаск во средата, откако примирјето – кое требаше да ја запре ескалацијата на насилството во јужна Сирија – тотално се распадна.
Иако властите во Дамаск формално најавија прекин на огнот меѓу Друзите и државните сили уште во вторникот, на теренот борбите никогаш не престанале. Друзиските милиции, потпомогнати од сé посилни израелски воздушни напади, возвратија на владините сили и ги избркаа од нивното клучно упориште Суејда. Во среда, израелските напади кулминираа со разорување на владини згради во центарот на Дамаск.

Израелската армија ја потврди акцијата, објаснувајќи дека директно е погоден влезот на зградата на сириското Министерство за одбрана во главниот град. Телевизиски пренос го улови моментот на експлозијата.
Како одговор на првичните напади, Израел изведе нов, многу пообемен воздушен удар. Овој пат беа погодени Претседателската палата на Ахмед ал-Шараа и целосното разурнување на штабот на Министерството за одбрана.
Воедно беа проширени и тактичките напади врз конвои на сириската армија, кои биле на пат кон Суејда.
Последните 24 часа, Армијата на Израел напаѓа и продолжува да напаѓа тенкови, ракетни фрлачи, вооружени пикапи на пат кон областа Суејда во јужна Сирија. Исто така беа погодени клучни патишта за да се спречи доаѓањето на засилувања.
Армијата внимателно ги следи случувањата и активностите на режимските сили против друзиските цивили во јужна Сирија. Во согласност со наредбите од политичкото водство, ќе продолжиме со акциите и сме подготвени за различни сценарија.
Во медиумите се појавија информации дека САД интервенирале и побарале од Израел да ги прекине нападите врз силите на режимот, што Израел наводно го прифатил. Меѓутоа, ваквите извештаи не се потврдуваат или земјата во меѓувреме ја сменила позицијата.

Во средата, израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, најави дека воените операции во јужна Сирија ќе продолжат се додека претседателот Ахмед ал-Шараа не ги повлече своите трупи.
Предупредувањата за Дамаск завршија – сега следат болни удари. Армијата ќе продолжи енергично да делува во Суејда за целосно уништување на силите што ги нападнаа Друзите додека не се повлечат.
Нашите драги друзи во Израел, потпрете се на Армијата на Израел – ќе бидеме заштита за вашите блиски во Сирија. Премиерот Нетанјаху и јас, како министер за одбрана, тоа јавно го ветивме – и ќе го исполниме.
Израелските власти истакнуваат дека друзиската заедница е значајна во Израел – 150.000 луѓе од вкупно милион на светско ниво, познати по блискоста и лојалноста кон државата. Повеќе од половина од Друзите се во Сирија, најмногу на југ. Израел гледа на нив како на пример за интеграција, што се разликува од односите со палестинското население.
На средба со ултра-ортодоксни војници, премиерот Бенјамин Нетанјаху истакна дека државата ќе преземе сите потребни мерки за безбедноста на Израел и на друзите.
Имаме обврска да ја зачуваме југозападната област на Сирија демилитаризирана долж нашата граница. Нема да дозволиме таму да никне нов Либан, а имаме обврска и да ги заштитиме локалните Друзи.
Тоа го правиме со интензивни операции. Се надевам дека нема да бидат потребни нови, а тоа зависи што ќе сфатат и преземат во Дамаск.
Во меѓувреме, извештаи и видеа на социјалните мрежи откриваат ужасни злосторства од страна на владините сили: претепување на заробени Друзи, бричење мустаќи за понижување, сквернавење на тела и газење со возила. Има и информации дека биле принудувани да ’одат на сите четири‘ и да лаат како кучиња.
Детални извештаи и видеа го документираат нивното насилство – од мачење и ограбување до егзекуции. Владините сили не ја штедат ниту другите малцинства - чувар на црквата 'Св. Архангел Михаил' во близина на Суејда, изјавил дека црквата е вандализирана и запалена од силите на режимот.
Дамаск призна дел од наводите, и во официјално соопштение најави дека ги осудува ваквите дела и формира комисија за истрага и санкционирање на одговорните.
Владините трупи влегоа во Суејда во вторникот, откако претходно постигнаа договор со дел од локалните друзиски и христијански водачи за смирување на тензиите. Сепак, брзо по доаѓањето на режимот, нивните злосторства предизвикаа гнев. Воено советништво на Хикмат ал-Хијри, со поддршка на израелски напади, организираше заседа и ги потисна владините сили од поголемиот дел од градот. Прорежимски извори јавуваат за десетици загинати владините борци од израелските ангажмани.
Поради борбите, градот Суејда остана без струја. Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека до средата имало речиси 250 загинати, меѓу кои 138 владините војници и 71 жител на Суејда, од кои најмалку 21 Друз биле егзекутирани без суд.
Се претпоставува дека вистинската бројка на жртви е многу поголема.

Поради настаните, илјадници Друзи од Либан и Израел излегоа на улица во знак на солидарност со своите сонародници. Особено во Израел, стотици се собраа на самата граница, обидувајќи се да преминат за да помогнат.
Во видео обраќање, премиерот Нетанјаху ги повика израелските Друзи да не ја преминуваат границата.
Армијата, Воздухопловството – сите работат за спас и заштита на нашите браќа Друзи и за елиминирање на режимските банди. Имам само една молба: Вие сте граѓани на Израел. Не ја преминувајте границата.
Го ризикувате сопствениот живот – може да бидете убиени, киднапирани, го отежнувате делувањето на Армијата. Затоа, ве молам: вратете се дома, дозволете им на силите да делуваат.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, го осуди недостатокот на реакција на меѓународната заедница за бруталноста над друзите.
Стануваме сведоци на постојано прогонство на малцинствата, до масакри и погроми. Често тоа го прават режимски сили, понекогаш џихадисти блиски до режимот – а најчесто заеднички.
Тој ги посочи клучните израелски интереси: зачувување на статус-кво во јужна Сирија и заштита на друзиската заедница, заради тесните врски преку Друзите во Израел.
Од друга страна, Хамас го осуди, како што наведоа, „гротескното ционистичко агресорство“ врз Сирија и дадоа поддршка за Дамаск.
На ваквиот развој на настаните, САД останува во тешка позиција. Претседателот Доналд Трамп продолжува политиката на нормализација со Сирија, укинувајќи ги санкциите, а специјалниот пратеник Том Барак дури го спореди сирискиот лидер ал-Шараа со Џорџ Вашингтон, најавувајќи дипломатско зближување преку Абрахамските договори.
Американското министерство засега со воздржан став, изјавувајќи дека нивните дипломати се во контакт со сите страни, со цел смирување на конфликтот и поттикнување на процес на интеграција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата