Израелската војска веќе се повлече од градот Газа и населените места и според договореното се позиционираше на југот на енклавата. Во спротивен правец кон север, долги редици Палестинци се враќаат во домовите или во она што остана од нив. Израелскиот премиер Нетанјаху, кој синоќа даде зелено светло на договорот, денеска предупреди дека неговата војска ќе остане во Газа се додека Хамас не се разоружа.
-Израелските одбранбени сили остануваат длабоко во Појасот Газа и ги држат клучни контролни точки. Toa ќе остане така додека Хамас не биде разоружан, а Газа демилитаризирана. Ако ова не се постигне на лесен начин, тоа ќе го направиме на потешкиот начин. , изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Со прекинот на огнот тече и 72-часовниот рок, кој завршува во понеделник напладне, до кога Хамас треба да ги ослободи 48-те израелски заложници, од кои за 20-ина се верува дека се живи. Израел е обврзан да дозволува по најмалку 600 камиони хуманитарна помош дневно во Газа. Милитантната организација ветува дека ќе го почитува примирјето, а дека главната цел останува независна Палестина, прашање кое не е содржано во договорот.

-Добивме гаранции од медијаторите и од американската администрација дека војната е целосно завршена. Продолжуваме да работиме на интересите на Палестинците и нивното право за самоопределување и формирање независна држава. , изјави Халил Ал – Хаја, лидер на Хамас во егзил.
Вашингтон соопшти дека во Израел ќе распореди 200 американски војници кои ќе го надгледуваат прекинот на огнот, но нема да влегуваат во Газа. Трамп најави дека во понеделник можеби ќе отпатува на Блискиот Исток.

-Ja завршивме војната во Газа и во основа постигнавме мир и мислам дека тоа ќе биде траен мир, се надевам дека тоа ќе биде вечен мир, мир на Блискиот исток. Обезбедивме ослободување на сите преостанати заложници. Тие треба да бидат слободени во понеделник или вторник. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Аналитичарите сметаат дека од 20-те точки на мировниот план на Трамп, најтешко ќе биде прашањето за разоружување на Хамас и статусот на Газа со која првично е предвидено да раководи преодна меѓународна администрација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата