Иранскиот амбасадор во Пакистан, Реза Амири Могадам, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп испратил порака до Техеран дека нема намера да го нападне Иран, но во исто време побарал од иранските власти да покажат воздржаност и да не ги напаѓаат американските интереси во регионот.
Според извештајот на пакистанскиот весник „Зора“, комуникацијата пристигнала ноќта меѓу 14 и 15 јануари, а амбасадорот нагласил дека ситуацијата во самиот Иран е „целосно под контрола“. Тој тврди дека и покрај заканите од САД и Израел, во моментов нема активни протести во Иран.
За потсетување, бранот немири во Иран започна кон крајот на декември 2025 година, првенствено поради наглиот пад на вредноста на иранскиот риал и влошувањето на економските услови. Ситуацијата драматично се влоши на 8 јануари, кога синот на соборениот шах Реза Пахлави повика на масовни демонстрации. Протестите избувнаа во неколку градови, брзо ескалираа во судири со безбедносните сили, а властите воведоа целосна блокада на интернет истиот ден.
Во меѓувреме, САД повлекоа дел од персоналот од клучните воени бази на Блискиот Исток. Превентивната мерка дојде откако висок ирански функционер предупреди дека Техеран ќе возврати со напади врз американските бази во соседните земји каде што се сместени доколку бидат нападнати од САД.
Додека сите чекаа момент кога американските сили ќе можат да го нападнат Иран, претседателот Трамп се огласи во среда навечер, велејќи дека добил информации дека иранските власти нема да ги погубат уапсените демонстранти, но не кажа директно дали тоа ја исклучува потенцијалната акција од страна на американските сили.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата