Од компанијата наведуваат дека не се очекува сообраќајот денеска ниту приближно да се нормализира бидејќи сите пловила мора да добијат одобрение од Иран, а бродската индустрија и понатаму е крајно претпазлива.
Во вообичаени услови низ Теснината дневно во двата правци минуваа меѓу 50 и 100 брода. Поради конфликтот, во последните две недели таа бројка падна на само два до седум брода дневно, и тоа откако Иран одобри премин за пловила под знамиња на одредени држави.
Од „АКСС-марин“ ја појаснуваат хронологијата на давањето дозволи наведувајќи дека Иран првично објави дека транзитот ќе биде дозволен само за бродови во сопственост на пет држави - Кина, Русија, Индија, Ирак и Пакистан.
По дипломатските разговори, преминот беше овозможен и за малезиски и за тајландски пловила, а на 2 април, по дополнителните преговори, Техеран соопшти дека ќе дозволи премин и за бродовите и под филипинско знаме.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата