Според „Мизан“, смртната казна била извршена по нејзина потврда од Врховниот суд. Судските власти наведуваат дека обвинетиот бил регрутиран преку интернет од израелската надворешна разузнавачка служба и собирал информации за Иран, при што наводно пренесувал фотографии и видеоснимки.
Истите образложенија претходно беа наведени и во други случаи на изрекување смртна казна за шпионажа.
По израелските воени напади врз Иран во јуни 2025 година, низ целата земја беа извршени апсења под обвинение за наводна шпионажа. Најмалку 10 лица досега се погубени во врска со тие случаи.
Иранските владини и судски претставници го обвинуваат Израел, заедно со Соединетите Американски Држави, дека стојат зад неодамнешните политички немири во земјата, што резултирало со бројни апсења.
Масовните протести во Иран избија кон крајот на декември, поттикнати од незадоволството поради тешката економска состојба. Најголемите демонстрации се одржаа на 8 и 9 јануари, кога безбедносните сили насилно интервенираа.
Активисти тврдат дека располагаат со веродостојни информации за илјадници жртви. Групите за човекови права подолго време ја критикуваат примената на смртната казна во Иран, обвинувајќи ги властите дека егзекуциите ги користат првенствено како средство за заплашување.
Според новинската агенција на американската организација „Активисти за човекови права во Иран“ (HRANA), минатата година биле погубени повеќе од 2.000 лица, што е највисок број во последните децении. Други ирански активисти проценуваат дека бројот на егзекуции во 2025 година надминал 1.500.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата