Разговорите имаат за цел да ја ограничат нуклеарната програма на Иран во замена за укинување на дел од американските санкции врз Техеран.
Иранската државна телевизија објави дека разговорите започнале во Мускат, но ниту иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ниту Стив Виткоф, главниот преговарач на Вашингтон, не дадоа никакви детали.
Арагчи пристигна во Оман вчера и се сретна со министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, кој посредуваше во претходните две рунди разговори во Мускат и Рим.
Виткоф беше во Москва во петокот на средба со рускиот претседател Владимир Путин, а денеска пристигна во Оман.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано се заканува со воздушни напади врз нуклеарните постројки на Иран доколку не се постигне договор.
Иран и САД немаат дипломатски односи од 1980 година, а американските интереси во Иран ги претставува Амбасадата на Шведска.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изминатите четири години напредуваше иранската нуклеарна програма и е поблиску од кога било до производство на нуклеарно оружје, со сегашните резерви од 60 отсто збогатен ураниум, доволни за шест нуклеарни бомби доколку се збогати до 90 отсто.
Иран во 2015 година склучи договор со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на нуклеарната програма, а за возврат да се намалат меѓународните санкции против Техеран. Но, во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од Договорот и повторно воведе санкции кон Иран. Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто.
Иран тврди дека нуклеарната енергија е за цивилни цели и негира дека сака да се стекне со атомска бомба, во што се сомневаат западните земји.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата