Иранските власти во изминативе две недели егзекутираа најмалку шест лица обвинети за шпионажа во корист на Израел, додека тензиите меѓу исламската република и израелската држава продолжуваат.
Во средата беа обесени тројца мажи – Идрис Али, Расул Ахмад Расул и Азад Шоџаи – по обвиненија за шпионажа, според извештаите на меѓународни медиуми. Неодамна, уште тројца други, меѓу кои Мохамад Амин Махдави Шајесте, Маџид Масиби и Есмаил Фекри, беа егзекутирани веднаш по воздушните напади на Израел на 13 јуни.
Судските органи на Иран ги обвинија последните обесени дека се обиделе да увезат опрема во земјата со цел да извршат атентати.
Иран држи во затвор и други лица на кои им се заканува смртна казна, меѓу кои и Ахмадреза Џалали, државјанин со двојно (шведско-иранско) државјанство, кој е притворен повеќе од седум години. Неговото семејство категорично ги негира тврдењата дека бил израелски шпион.
Оваа година, според податоци на организации за човекови права, најмалку девет лица се егзекутирани поради слични обвиненија, а активистите остро реагираат на недостигот од фер и транспарентен судски процес.
Амнести интернешнл соопшти дека Џалали се соочил со „длабоко неправеден процес“ во 2017 година, при што признанијата биле изнудени под тортура и закани. Се верува дека животот му се наоѓа во непосредна опасност.
Властите во Техеран имаат приведено неколку стотици лица осомничени за шпионажа за Израел или за активизам против режимот. До вторник, Иран имаше уапсено повеќе од 500 лица поради сомневање за поврзаност со израелската разузнавачка служба Мосад, а бројот сега надминува 700, според податоците на организацијата Hengaw за човекови права.
Hengaw остро ја осудува новата бран апсења, како и продолжената злоупотреба на обвиненија за национална безбедност од страна на Исламската Република Иран за сузбивање на граѓанските слободи – меѓу кои слободата на изразување, собирање и правото на правична постапка.
Хенгау повикува меѓународната заедница и организациите за човекови права да реагираат брзо и да овозможат независен мониторинг и интервенција во однос на ситуацијата со притворените во Иран.
Во средата беа спроведени егзекуции само ден по прогласувањето на привремен прекин на огнот, објавен од претседателот Доналд Трамп. И покрај прекршувања на примирјето од двете страни, прекинот на огнот засега останува на сила.
Според организацијата Iran Human Rights од Норвешка, од почетокот на годината речиси 600 лица се егзекутирани во Иран по разни основи. Земјата е на второ место во светот според бројот на егзекуции, веднаш по Кина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата