Иран денес одржа големи погребни церемонии за воените лидери и научници кои ги загубија животите за време на последниот 12-дневен конфликт со Израел. Настанот беше искористен од властите да ја истакнат националната кохезија пред западните држави. Илјадници граѓани се собраа низ улиците на Техеран за да им оддадат почит, а некои учесници испратија пораки на отпор преку ретките западни медиуми присутни во главниот град.
Ова не е примирје, туку само кратка пауза. Што и да се случи, нашиот одговор ќе биде силен и одлучен.
Поворката со ковчезите на загинатите, меѓу кои беше и командантот на Револуционерната гарда генералот Хусеин Салами, како и шефот на ракетната програма Амир Али Хаџизаде, помина низ центарот на Техеран. Многумина од присутните ги повторуваа слоганите против Соединетите Американски Држави и Израел.
Со Божја помош, ќе ја осветиме крвта на овие маченици. Ќе се избориме против Америка и нејзините сојузници.
Иако воздушните напади престанаа по прогласувањето на прекинот на огнот, антагонизмот меѓу Иран и Израел останува. Мнозинство граѓани и од двете страни не ја гледаат ситуацијата како решена.
Израелските операции во Иран можеби ќе донесат краткотраен мир, но тоа нема да трае. Овој прекин го гледам како временски, не и како долгорочно решение.
Иран и Израел прогласија победа во неодамнешната конфронтација. Од САД доаѓаат најави за обновување на преговорите околу нуклеарната програма, иако официјален Техеран објави дека засега не е постигната согласност за средба или нов круг разговори.
Не постои никаков договор за обновување на разговорите. Немаме закажано средба, ниту дадено ветување за тоа.
Американскиот претседател тврди дека преку дипломатски канали Иран испраќа различни пораки. Сепак, и покрај официјалното негирање од иранска страна, САД укажуваат дека санкциите дадоа резултат.
Тие кажуваат едно во јавност, но знаеме дека сакаат средба. Санкциите си го прават своето, а и Израел и Иран претрпеа многу во овие 12 дена.
И додека Вашингтон зборува дека нема намера да менува власт во Иран, туку само да ја неутрализира нуклеарната програма, иранскиот режим користи репресија и медиумска кампања за да го задржи влијанието внатре во земјата. За време на конфликтот беа приведувани лица осомничени за соработка со странски разузнавачки служби.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата