logo
logo
logo

Индија не ги запира купувањата на руската нафта и покрај притисокот од Трамп

Vecer | 02.08.2025

Индија не ги запира купувањата на руската нафта и покрај притисокот од Трамп

Индиските власти ги одбија тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека Индија прекинала да купува руска нафта поради притисокот од Вашингтон.

Трамп неодамна ги засили притисоците врз Москва за да ја примора да седне на мировна маса со Украина, делумно преку обиди да ги запре купувањата на руската нафта од трети земји. Особено беше насочен кон Индија, со надеж дека ќе ја натера да го прекине увозот од Русија.

„Разбрав дека Индија веќе нема намера да купува нафта од Русија“, изјави Трамп пред новинарите. „Така слушнав. Не знам дали е точно или не. Тоа е добар чекор. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите.“

Меѓутоа, двајца индиски официјални претставници веднаш ги негираа овие наводи, изјавувајќи за New York Times дека нема никаква промена во политиката. Еден од нив подвлече дека Њу Делхи „нема дадено никаква насока до нафтените компании“ за промени во увозот на нафта од Русија.

Портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, Рандхир Џајсвал, исто така потврди дека не се предвидуваат промени во односите со Москва — откажувајќи да ги коментира заканите на Трамп за зголемување на царините доколку продолжи увозот на руската нафта.

„Нашите билатерални односи со различни земји се засновани на сопствени вредности и не треба да се гледаат низ призмата на трета држава“, изјави Џајсвал. „Индија и Русија имаат стабилно и долготрајно партнерство.“

Од индиска перспектива, намалувањето на увозот на руска нафта најверојатно не би имало значителен ефект врз Русија, додека Индија би загубила – бидејќи Кина и Турција би продолжиле да го купуваат евтиното руско гориво без никакви последици. Тоа би ја довело Кина во уште подобра економска позиција во споредба со Индија.

„Што мора да се има предвид е дека дури и ако Индија го сведе увозот на нула, Кина нема намера тоа да го направи“, вели Панкaџ Саран, поранешен индиски заменик советник за национална безбедност и амбасадор во Москва. „Така ќе се создаде бизарна ситуација – Русија ќе и продава на Кина по ниски цени, а Кина ќе биде главен добитник.“

Во претходната администрација, Трамп беше успешен во убедувањето на Индија да го намали увозот на нафта од Иран и Венецуела, иако тоа беше економски штетно. Сега, со Русија, ваквиот чекор би бил уште поскап. Индиските официјални лица, очигледно, сметаат дека најдобро е да чекаат, земајќи ја предвид склоноста на Трамп често да ја менува својата политика кон Русија.

Неделава, Трамп ѝ се закани на Индија со воведување на 25% тарифа доколку не престане со увозот на руска нафта.

„Иако Индија ни е пријател, со нив во текот на годините имаме скромна економска размена, главно поради премногу високите тарифи, едни од највисоките во светот, како и другите строги и комплицирани нетарифни бариери за трговија“, напиша Трамп на Truth Social.

„Тие секогаш поголемиот дел од воената опрема ја купуваат од Русија и се најголем купувач на ЕНЕРГИЈА од Русија, заедно со Кина, во време кога сите бараат Русија да го запре насилството во Украина — СИТЕ ОВИЕ РАБОТИ СЕ ЛОШИ! ЗАТОА, ИНДИЈА ЌЕ ПЛАЌА 25% ЦАРИНА И КАЗНА ЗА НАВЕДЕНИТЕ РАЗЛОГИ, ПОЧНУВАЈЌИ ОД 1 АВГУСТ“, додаде тој.

Овој потег е најновиот удар врз некогаш блиското пријателство меѓу Трамп и индискиот премиер Нарендра Моди, однос што се зацврсти во неговиот прв мандат. Парадоксално, посредувањето на Трамп во примирјето меѓу Индија и Пакистан оваа година донесе повеќе пофалби од Пакистан, додека Индија го минимизираше неговиот придонес.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk