Иранската државна телевизија емитуваше снимки од насобраниот народ на главниот плоштад во Минаб. Мажите, одделени од жените ,вееја ирански знамиња, додека жените, главно облечени во бурки стоеја на другата страна.
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи вчера ги обвини САД и Израел за убиство на и ученичките.
- Ова се гробовите кои се копаат за повеќе од 160 невини девојчиња убиени во американско-израелското бомбардирање на основно училиште. Нивните тела се распарчени. Во реалноста вака изгледа „спасувањето“ кое го вети господинот Трамп. Од Газа со Минаб, ладнокрвно се убиваат невини, наведе Арагчи.
Властите во Техеран повикаа на меѓународна акција и солидарност откако во воздушните напади на САД и Израел беа погодени неколку болници и училишта.
Инцидентот беше осуден од Агенцијата на Обединетите нации за култура и образование (УНЕСКО), и добитничката на Нобеловата награда за мир и активистка за образование Малала Јусафзаи.
Според меѓународното право, намерното таргетирање на образовна институција, болница или која било друга цивилна зграда е воено злосторство.
Канцеларијата за човекови права на ОН ги повика „силите“, без да ги именува, што стојат зад нападот врз женското училиште во Иран да истражат и да споделат информации за „ужасниот напад“.
- Високиот комесар (Фолкер Турк) повикува на брза, непристрасна и темелна истрага за околностите околу нападот. Одговорноста за истрагата е на силите што го извршија нападот“, изјави портпаролката на ОН за човекови права, Равина Шамдасани.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека американските сили „намерно не гаѓале училиште“.
- Јасно е дека САД намерно не гаѓале училиште. Нашите цели се проектилите, нивната способност за производство и нивната способност за лансирање, како и дронови за еднократни напади. На тоа сме фокусирани, истакна Рубио.
Тој додаде дека САД немаат „никаков интерес, а искрено ниту мотив да гаѓаме цивилна инфраструктура“ и го обвини Иран.
- Од друга страна, Иранците гаѓаат цивилна инфраструктура. Го видовте тоа. Сигурен сум дека видовте. Гаѓаат хотели. Гаѓаат амбасади. Гаѓаат аеродроми. Гаѓаат нафтена инфраструктура, наведе Рубио.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата