Изворот од Хамас рече дека Хамас побарал од преговарачите појаснување за неколку клаузули во американскиот план за прекин на војната во Газа, тврдејќи дека има право да прави измени во планот како што направил Израел, објави „Тајмс оф Израел“.
Повикувајќи се на клаузулата во договорот што бара од Хамас да се разоружа, неименуваниот извор близок до палестинската милитантна група рече дека Хамас инсистира на разликување помеѓу одбранбено и офанзивно оружје.
Тој тврди дека поседувањето одбранбено оружје е право на Хамас и дека групата отфрла секое меѓународно тело што би управувало со Појасот Газа, инсистирајќи дека Палестинците, дури и ако се аполитични, мора да управуваат со енклавата.
Според изворот, Хамас, исто така, бара јасна временска рамка за повлекување на израелските сили од Газа, заедно со гаранции што би обезбедиле крај на војната. Американскиот план предвидува дека повлекувањето ќе се базира на исполнување на одредени услови, потсетува израелскиот весник.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата