logo
logo
logo

Хамнеи прогласува победа против САД и Израел по прекинот на огнот

Vecer | 26.06.2025

Хамнеи прогласува победа против САД и Израел по прекинот на огнот

Иранскиот лидер прогласи победа по 12-дневната војна

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во својата прва јавна изјава по постигнатиот прекин на огнот со САД и Израел, го прогласи Иран за победник по 12-дневниот конфликт.

Хамнеи цела недела не се појавуваше во јавноста, што поттикна шпекулации и загриженост дека можеби бил убиен или сменет преку државен удар. Сепак, неговото видео обраќање емитувано до целата земја, прво по 19 јуни, беше проследено со самоуверени пораки на победа и критика кон САД и Израел.

„Честитки за победата над лажниот ционистички режим,“ изјави Хамнеи. „Американскиот режим се вклучи во директна војна бидејќи почувствува дека без нивна вмешаност, ционистичкиот режим целосно ќе биде уништен. Но, не добија ништо од оваа војна.“

Прослава пред иранската амбасада во Багдад, Ирак, по прекинот на огнот меѓу Иран и Израел, 24 јуни 2025. (AP Photo/Hadi Mizban)
Прослава пред иранската амбасада во Багдад, Ирак, по прекинот на огнот меѓу Иран и Израел, 24 јуни 2025. (AP Photo/Hadi Mizban)

Според Associated Press, ајатолахот изгледал забележливо уморен во споредба со претходниот јавен настап. Тој го претстави американското бомбардирање на иранските нуклеарни објекти како очајнички потег насочен кон спасување на Израел.

Според Хамнеи, освен што го спасиле Израел од целосно уништување, САД не постигнале други цели во конфликтот. Сепак, според медиумите, израелско-американските напади ја имаат значително ослабено иранската нуклеарна и ракетна инфраструктура.

„Исламската Република победи и како одмазда му удри шамар на Америка,“ додаде Хамнеи, алудирајќи на истрелувањето 14 проектили кон американската база Ал Удеид во Катар во понеделникот.

Тој предупреди дека ваква акција може да се повтори во иднина, бидејќи Иран има „пристап до клучните американски центри во регионот и е подготвен да реагира кога ќе го оцени тоа за неопходно.“

„Ако дојде до каква било агресија, непријателот ќе плати висока цена,“ предупреди Хамнеи во однос на идни евентуални напади од САД.

Во понеделничкиот напад немаше човечки жртви, бидејќи Иран ги известил САД однапред. Од вкупно 14 испалени ракети, 13 биле пресретнати, додека последната паднала во ненаселено подрачје. Претседателот Доналд Трамп неколку пати ѝ се заблагодари на Техеран за воздржаната одмазда и предупредувањето, што помогна да се склучи прекин на огнот со кој заврши конфликтот.

По избувнувањето на конфликтот на 13 јуни, Техеран воведе интернет цензура, па перцепциите на граѓаните за војната се поделени. И покрај тоа што немаше сериозни немири, дел од граѓаните станаа загрижени особено поради исчезнувањето на Хамнеи од јавноста.

Поради страв од атентат, особено откако првичните израелски напади усмртија тројца од најмоќните луѓе во државата и повеќе високи офицери и научници, Хамнеи бил држен во засолниште без пристап до електроника. На државната телевизија, новинар побара од претставник од кабинетот на Хамнеи да ја разјасни неговата состојба, поради загриженоста меѓу населението.

„Граѓаните се многу загрижени за врховниот лидер. Можете ли да ни кажете како е?“

Претставникот одговорил дека добил бројни вакви прашања и дека ајатолахот е заштитен.

Четворица високи ирански официјални лица за New York Times објавиле дека отсуството на Хамнеи предизвикало борба за моќ меѓу владините фракции. Ова довело до ретка јавна нетрпеливост меѓу високите функционери на авторитарниот режим, кои обично се обидуваат да прикажат обединет фронт против Израел.

КАДЕ СЕ НАОЃААТ РАБОТИТЕ ВО ИЗРАЕЛСКО-ИРАНСКИОТ КОНФЛИКТ? ТЕК НА НАСТАНИТЕ

Шефот на комуникации на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, Али Ахмаднија, преку објава на социјалните мрежи одговори остро на критиките од конзервативците, наведувајќи:

Во текот на војната животите ги загубија 29 Израелци и над 600 Иранци, а повредени беа илјадници.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk