logo
logo
logo

Извештај: Хамас свесно користел сексуално насилство како воена тактика на 7 октомври

Vecer | 08.07.2025

Извештај: Хамас свесно користел сексуално насилство како воена тактика на 7 октомври

Организацијата Хамас свесно користела сексуално насилство над израелски цивили како алатка за терор за време на нападот на јужен Израел на 7 октомври 2023 година, според нов извештај на израелска правна иницијатива објавен во вторникот.

Извештајот на Проектот Дина под наслов „Потрага по правда: 7 октомври и понатаму“, ги отфрла тврдењата дека милитантите на Хамас не извршиле сексуално насилство за време на масакрот. Палестинската организација и натаму ги демантира ваквите обвиненија.

Во документот се наведува дека израелските жртви биле пронајдени „делумно или целосно соблечени, врзани за дрва или столбови; евидентирани се групни силувања пред погубување; генитално осакатување и јавна понижување“, со што се потврдуваат претходните наоди за сексуално насилство врз жени.

Во извештајот на специјалната претставничка на ОН за сексуално насилство во конфликти, Прамила Патен, во март 2024 година се заклучува дека има „разумни основи“ да се верува оти постоела шема на силување и сексулано малтретирање на жртви, најчесто жени, од страна на борци на Хамас. Проектот Дина ги цитира овие наоди.

Злосторствата не завршиле со нападите на 7 октомври – за време на заробеништвото, многу ослободени заложници сведочеле за присилна нагост, физичко и вербално сексуално малтретирање, сексуални напади и закани со присилен брак.

Меѓу жртвите се и двајца поранешни машки заложници кои, според извештајот, биле изложени на „сексуално понижување, кое вклучувало присилна нагост и физичко малтретирање додека биле голи“.

Наодите се базираат на сведоштва на очевидци за најмалку 17 одделни инциденти, изјави на спасувачки тимови, форензички докази, како и аудио и визуелен материјал.

Во извештајот се вели дека сексуалното насилство е користено како оружје на војна – што се смета за злосторство против човештвото.

Проектот Дина се формирал по нападите на 7 октомври токму со цел да ја подигне јавната свест за сексуалното насилство сторено од Хамас.

Поранешната заложничка Илана Грицевски сведочеше за сексуалното понижување кое го доживеала додека била во заробеништво.

Се сеќавам дека ме удираа, јас врескав, а потоа се стемни. Кога се разбудив, бев полу-гола, опкружена со терористи.

Илана Грицевски (31) опишува дел од траумите што ги претрпела.

Ме тепаа. Поминав низ пекол. Коските ми беа скршени, но тоа не се споредува со психолошката болка низ која поминав. Никој не заслужува да го доживее ова.

По 55 дена поминати во заробеништво, Грицевски беше ослободена за време на првото примирје меѓу Израел и Хамас во доцната 2023 година. Нејзиниот партнер, Матан Зангаукер, се уште се наоѓа во заробеништво над 640 дена по масакрот.

Грицевски апелираше до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху конечно да постигне договор кој ќе стави крај на војната со Хамас и ќе ги врати преостанатите 50 заложници.

Нетанјаху во моментов се среќава со американскиот претседател Доналд Трамп и законодавци во Вашингтон за да разговараат за евентуално примирје и ослободување на заложниците, како и други прашања од областа на надворешната политика.

Овие наоди се објавени откако во март Советот за човекови права на ОН ја обвини Израел за „систематска употреба на сексуално, репродуктивно и друго родово базирано насилство“ против палестински жени и деца во Газа. Нетанјаху го отфрли тој извештај, нарекувајќи го Советот за човекови права „анти-израелски циркус“ кој поттикнува антисемитизам и поддржува тероризам.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk