Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, ги обвини европските лидери дека со поддршката за признавање палестинска држава ги поткопуваат обидите за преговори со Хамас.
Франција, Обединетото Кралство и Канада најавија дека би можеле да ја признаат Палестина како држава, барајќи притоа Хамас веднаш да прогласи прекин на огнот и да ги ослободи сите заложници.
Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, планира да го поддржи ваквиот чекор „освен ако“ израелската влада не преземе значајни активности за запирање на страдањата во Газа.
Според Хакаби, таа најава, која треба да се дискутира на конференција на Обединетите Нации во септември, може да биде дополнителен поттик за Хамас.
Терористичката организација последен пат беше во преговори со Израел и САД пред околу една недела. Разговорите се прекинаа поради, како што нагласи специјалниот пратеник на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф, „недостатокот на желба на Хамас да постигне прекин на огнот во Газа“.
„Причината поради која Хамас се повлече од сите дискусии е бидејќи гледа како европјаните им даваат поддршка, моќ и влијание“, изјави Хакаби во емисијата Wake Up America на Newsmax.
„Ова не придонесува, мора да престане, а светот треба да застане зад Израел и јасно да му порача на Хамас: ‘Вашето време заврши’“, додаде Хакаби.
По објавите на Франција, Велика Британија и Канада, следеше декларација од Арапската лига (22 членки), целата Европска Унија и уште 17 други држави, со која се бара Хамас да ја предаде власта на Палестинската власт.
САД не се приклучија на декларацијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата