logo
logo
logo

Гутереш: Војната во Украина останува дамка на нашата колективна совест

Vecer | 25.02.2026

Гутереш: Војната во Украина останува дамка на нашата колективна совест

Четири години откако Русија ја почна инвазијата врз Украина, војната останува дамка на нашата колективна совест и година по година сме сведоци на последиците од очигледното кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации, изјави вчера генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Гутереш на седница на Советот за безбедност укажа дека, и покрај невидените дипломатски напори, минатата година била најсмртоносна за украинските цивили и наведе дека од почетокот на војната се убиени повеќе од 15.000 цивили, а повеќе од 41.000 се повредени.

- Покрај тоа, милиони беа принудени да избегаат од своите домови, а на милиони им е потребна помош која спасува животи – рече Гутереш и истакна дека ситуацијата е особено тешка кога станува збор за децата.

Според него, од почетокот на војната повеќе од 3.200 деца се убиени или повредени, а се проценува дека за 2,2 милиони деца е неопходна хуманитарна помош.

Гутереш предупреди дека борбите што се водат претставуваат директен ризик за безбедното функционирање на украинските нуклеарни постројки и порача дека таа „несовесна игра на нуклеарен рулет мора веднаш да запре“.

- Во текот на војната, Канцеларијата на високиот комесар за човекови права известуваше за масовни кршења на човековите права – мачење, сексуално насилство, па дури и погубувања на воени заробеници и цивилни притвореници, а сите тие дела поминаа без никаква одговорност – рече Гутереш.

Тој наведе дека условите за постигнување мир во Украина не се мистерија за никого, бидејќи тој мора да биде во согласност со меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН и релевантните резолуции на ОН.

- Покрај тоа, мора да се поддржи суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во рамките на нејзините меѓународно признати граници – кажа Гутереш.

- Сега е време за итен, целосен и безусловен прекин на огнот, што треба да биде првиот чекор кон праведен мир – порача тој. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk