Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денес изјави дека преговорите меѓу САД и Иран би можеле да се одржат уште овој викенд во Исламабад, со проширена агенда која, покрај нуклеарната програма, вклучува и ракети, регионални сојузници на Техеран и безбедносни гаранции.
Според „Кориере дела Сера“, Гроси оценил дека постои нова динамика во дипломатските напори меѓу Вашингтон и Техеран, по недели судири кои, како што изјавил, имале сериозни последици за иранската инфраструктура.
Според него, овој пат на маса ќе бидат и иранската ракетна програма, улогата на сојузничките движења на Исламската Република, како и безбедносните гаранции за Иран.
Коментирајќи ја изјавата на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп дека иранските власти се согласиле да не развиваат нуклеарно оружје, Гроси изјавил дека не учествувал во овие разговори, но дека „се чини дека постои меѓусебно разбирање за клучните теми“.
Зборувајќи за претходните контакти во Женева, Гроси истакна дека делегациите во тој момент не биле блиску до постигнување договор, и покрај она што го оцени како „одлично посредништво“ од страна на министерот за надворешни работи на Оман.
Тој нагласи дека три недели војна ги промениле околностите и дека новите преговори би можеле да бидат „пофокусирани и поконкретни“, со можност за барање целосно прекинување на збогатувањето на ураниумот.
„Можеме да замислиме сценарио во кое Американците би барале нула збогатување“, рече Гроси, истакнувајќи дека Иран, од друга страна, инсистира на своето право да развива цивилна нуклеарна програма.
Сепак, тој оцени дека е можен компромис, како што е привремено прекинување, со можност за повторно разгледување на прашањето за пет или десет години.
Тој нагласи дека дипломатското решение е единствениот одржлив пат.
„Мирот е првата цел. Привремен договор што би обезбедил стабилност и предвидливост е можен, но за тоа е неопходен дијалог“, рече Гроси.
Зборувајќи за улогата на МААЕ, тој рече дека сите инспектори во моментов го напуштиле Иран поради војната, но дека агенцијата е подготвена да се врати и да продолжи со мониторингот.
„Агенцијата е непристрасен и мирољубив актер“, нагласи Гроси, додавајќи дека одлуката за евентуално учество на состанокот во Исламабад ќе биде донесена подоцна.
Зборувајќи за последиците од бомбардирањето, Гроси рече дека е нанесена одредена штета на иранските нуклеарни постројки, но „ништо критично“, нагласувајќи дека нуклеарните капацитети на Иран остануваат недопрени.
Тој предупреди дека Иран сè уште има значителни количини збогатен ураниум, вклучувајќи околу 400 килограми материјал збогатен до 60 проценти, ниво блиску до воено ниво.
„Ова е загрижувачки развој на настаните, бидејќи ниедна земја без нуклеарно оружје не збогатува ураниум до тоа ниво“, рече Гроси, додавајќи дека овој материјал може да се премести или разреди.
Запрашан за разликите со договорот од администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, кој подоцна беше отфрлен од Трамп, Гроси рече дека ситуацијата „целосно се променила“, со значителен напредок постигнат во нуклеарната програма на Иран.
Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран наутро на 28 февруари во она што се сметаше за „превентивни напади“, кои дојдоа по неуспехот на неколку рунди разговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран започна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ Блискиот Исток.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата