Млади луѓе од Генерацијата З, заедно со претставници на социјални движења, политички партии и синдикати се обидоа да влезат во зградата на Конгресот, при што се судрија со полицијата, која употреби солзавец.

Демонстрантите носеа транспаренти против Конгресот и новиот претседател на Перу, Хозе Хери, кој беше избран за вршител на должноста минатата недела откако Парламентот ја отповика Дина Болуарте (2022 – 2025) под обвинение за морална неспособност за вршење функција. Хери претходно беше претседател на Конгресот.

Судири помеѓу демонстрантите и полицијата имаше и во јужниот град Арекипа.

Незадоволството на младите Перуанци е поради организираниот криминал, улогата на главните партии во Парламентот, кои претходно ја поддржуваа Болуарте и ѝ дозволија да остане на власт и покрај истрагите за смртта на десетици демонстранти за време на протестите во 2022 и во 2023 година, како и распространетата корупција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата