Иран објави нова мапа на Ормускиот Теснец за која соопшти дека ја опфаќа областа од виталниот воден пат што е под иранска контрола.
Иран го стави Ормус под строга блокада од крајот на февруари, по нападите на САД и на Израел врз земјата. Блокада на водениот пат, низ кој некогаш поминуваше една петтина од светската нафта, доведе до огромен скок на цените на нафтата, гасот и на енергијата низ целиот свет.
И покрај повеќекратните напори, досега Техеран не го олабави својот железен стисок врз теснецот.
Управата на Персискиот Залив (PGSA), иранското тело основано претходно овој месец за контрола на морскиот сообраќај во и надвор од Ормуз, денеска објави дека Иран го става регионот под надзор на своите вооружени сили. Површината што е под наздор се протега на околу 23.000 квадратни километри и се наоѓа во територијалните води на Оман и на Обединетите Арапски Емирати.
Наводните линии на влијание на Иран се протегаат од Кух-е Мубарак до јужно од Фуџаира, во ОАЕ, по неговата источна линија, додека западната линија се протега од западниот врв на иранскиот остров Кешм до Ум ал-Куваин во ОАЕ.
PGSA тврди дека за секој транзит низ оваа област со цел да се помине низ Ормускиот Теснец е потребна координација и одобрение од нив.
Американскиот државен секретар Марко Рубио го обвини Техеран дека се обидува да воспостави „систем на патарина“ во Ормускиот теснец и дека се обидува да го убеди Оман да се придружи на иницијативата.
– Нема земја во светот што треба да го прифати тоа – рече Рубио.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата