Европската Унија треба да ја разгледа опцијата за привремено ограничување на одредени гласачки права за идните нови членки и да создаде посилни механизми за заштита на владеењето на правото, се наведува во заедничкиот документ на Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург, до кој дојде агенцијата Ројтерс.
Додека Црна Гора се надева на членство во ЕУ до 2028 година, а Албанија, Украина и Молдавија притискаат за напредок во евроинтеграциите, меѓу европските влади трае дебата за промена на правилата за прием. Дел од главните градови сега бараат поригорозни заштитни механизми за идните членки, што делумно се должи на искуството на Унијата со уназадувањето на демократијата во Унгарија.
Мониторинг и замрзнување на гласањето
Документот содржи опции што би можеле да се вметнат во идните пристапни договори, вклучувајќи нов механизам за мониторинг и заштитна клаузула. Оваа клаузула би овозможила преземање мерки во случај на сериозно уназадување во областите како што се демократијата и слободата на медиумите.
„ЕУ треба да поведе детална дискусија за можноста за привремени, транзициски ограничувања на правото на глас за новите држави-членки, особено во деловите од правото на ЕУ каде што е потребно едногласност“, пишуваат петте земји, посочувајќи ги одлуките за проширувањето, надворешната политика и буџетот на ЕУ, каде што моментално е согласност од сите земји.
Украина и Молдавија пред отворање на поглавјата
Кипар, кој претседава со ЕУ, минатата недела соопшти дека започнал подготовки за официјално отворање на преговорите за првата група поглавја (кластерот „Темели“), кои ги опфаќаат владеењето на правото и демократските стандарди, со Украина и Молдавија.
„Украина припаѓа во ЕУ. Сите шест пристапни кластери треба да се отворат без одлагање. НАТО мора да остане на маса како најсилна безбедносна гаранција“, објави естонскиот премиер Кристен Михал на мрежата Х, по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Талин.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата