Планот на Брисел и Киев да ја вовлечат Унгарија во војна е готов, а единствената пречка е суверената, национална влада на унгарскиот премиер Виктор Орбан, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
На конгресот на владејачката партија Фидес, Сијарто рече дека состаноците на Советот на ЕУ за надворешни работи во последните години се претворија во „воени конференции“, бидејќи, како што изјави, „здравиот разум целосно исчезна во Брисел“, пренесува МТИ.
„Воениот фанатизам ги зазеде политичките лидери на Европа. Минатиот викенд во Париз беше објавен договор. Според тој договор, двете нуклеарни сили на Европа одлучија да испратат војници во Украина. Ова практично значи дека нуклеарните сили на Европа започнаа војна. А нивната цел е да ја зафатат цела Европа во пламенот на војната“, истакна Сијарто.
Тој предупреди дека „ова повеќе не е Фортнајт, туку реалниот свет“ и додаде дека воената политика на Брисел ја става Унгарија во најголема опасност.
„Ние, Унгарците, сме во најголема опасност ако војната ескалира... Ние сме најблиску, бидејќи се веднаш до нас. А во Украина, државната политика е силно антиунгарска. Постои план од Брисел и Киев да ја вовлечат Унгарија во војната“, рече Сијарто.
Тој нагласи дека единствената пречка за спроведување на овој план е „суверената, национална влада на Орбан“.
„Сега Брисел и Киев прават сè за да ја отстранат оваа пречка“, додаде Сијарто.
Тој ги обвини европските и украинските власти дека се обидуваат да наметнат „бриселска марионетска влада во корист на Украина“ на Унгарија на претстојните априлски избори, чиј лидер би бил заштитен со имунитетот на Европскиот парламент и затоа под нивна контрола.
„Прашањето за војна или мир зависи само од нас. Во последните четири години успеавме да останеме настрана. Лесно е да се каже, но не беше лесно да се направи. Потребно беше натчовечка, секојдневна борба и отфрлање на политичкиот притисок“, рече Сијарто.
Како што посочи, визијата за иднината е јасна.
„Ако победиме, остануваме надвор од војната. Ако не победиме, планот на Брисел и Киев ќе биде спроведен“, заклучи унгарскиот министер за надворешни работи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата