Нобеловиот комитет изјави дека наградата за мир не може да се „поделува, отповикува или пренесува“ откако овогодинешната добитничка и лидерка на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, изјави дека би сакала да му ја додели наградата на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Нобеловата награда не може да се отповика, сподели или пренесе на други. Откако ќе биде објавена, одлуката важи засекогаш“, се вели во соопштението на Нобеловиот комитет, објавува „Вашингтон пост“.
Трамп денес изјави дека ќе разговара за понудата на Мачадо за Нобелова награда кога таа ќе ги посети САД следната недела.
„Па, како што разбрав, таа доаѓа следната недела и со нетрпение очекувам да се сретнам со неа, а слушнав дека сака да го стори тоа. Би било голема чест“, рече Трамп, кога беше прашан дали планира да се сретне со Мачадо и да ја прифати Нобеловата награда за мир од неа откако таа претходно оваа недела изјави дека е подготвена да ја сподели со американскиот претседател.
Нејзината посета ќе дојде во време кога тензиите меѓу САД и Венецуела се на највисоко ниво по апсењето на претседателот на таа земја, Николас Мадуро, и последователните тврдења на Трамп за огромните нафтени резерви на земјата.
Трамп многу пати во минатото изјави дека заслужува Нобелова награда за мир, припишувајќи си го наводот за завршување на осум војни во рок од осум месеци од неговиот втор мандат како претседател.
„Треба да добијам Нобелова награда за секоја војна што ја запрев. Тоа беа големи војни. Тоа беа војни за кои никој не мислеше дека можат да ги запрат“, рече Трамп.
Тој, исто така, го критикуваше тогашниот американски претседател Барак Обама за тоа што ја доби Нобеловата награда за мир кратко по преземањето на функцијата во 2009 година, иако тој „не направил ништо“.

Минатиот октомври, откако беше објавен добитникот на Нобеловата награда за мир, Белата куќа изрази незадоволство што американскиот претседател не е добитник.
Добитник на Нобеловата награда за мир за 2025 година е венецуелската политичарка Марија Корина Мачадо, за, како што е наведено, нејзината „неуморна работа за унапредување на демократските права на венецуелскиот народ“.
Откако американската војска изврши рација на територијата на Венецуела во јануари оваа година и го зароби нејзиниот претседател Николас Мадуро, Мачадо рече дека сака да ја сподели Нобеловата награда за мир со Трамп и лично да му се заблагодари за воената интервенција на неговата администрација во Венецуела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата