На 1 јуни, Украина го изврши најобемниот и најдалекусежен напад со беспилотни летала на руска територија од почетокот на инвазијата во 2022 година.
Целта на нападот беа четири руски воени воздухопловни бази, вклучувајќи ја и онаа во Иркутск, Сибир, на 4.800 километри од Киев. Нападот бил со кодно име „Пајажина“.
Украинската страна тврди дека во операцијата биле користени 117 дронови, кои биле шверцувани во Русија со камиони. Тие погодија, како што тврди Киев, 41 руски воен авион, вклучувајќи стратешки бомбардери способни да носат нуклеарно оружје.
„Оваа операција сигурно ќе влезе во книгите по историја“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Нападот се случи во чувствителен момент - само еден ден пред втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул. Иако разговорите се одржаа, тие траеја само еден час и не донесоа конкретен напредок.
Русија без одговор, Трамп без коментар
Дури ни сегашниот американски претседател, Доналд Трамп, кој силно се залага за мировен договор меѓу Москва и Киев, сè уште не дал изјава за оваа операција. Руските власти исто така не реагираа веднаш. Молчењето од Кремљ, според аналитичарите, би можело да укаже на шок и неизвесност околу одговорот.
Поранешниот директор на одделот за анализа на Русија на ЦИА, Џорџ Биби, за Форен Полиси коментираше за потенцијалните последици од операцијата и можната реакција на Москва за надворешната политика.
„Не верувам дека овој напад значително ќе влијае на способноста на Русија да ја продолжи војната во Украина на начинот на кој ја води во моментов“, рече Биби.
„Русите водат војна на исцрпување и во неа постигнуваат добар напредок - не со освојување територија, туку со исцрпување на ресурсите и воената сила на Украина.“
Нападите врз базите во Иркутск и Мурманск, истакна тој, го привлекуваат вниманието на Западот, но не ја менуваат фундаменталната рамнотежа на моќ.
Опасно приближување до руската нуклеарна црвена линија
Особено загрижува фактот што целите беа стратешки бомбардери кои се дел од руската нуклеарна тријада.
„Можеби тоа не ги наруши значително нуклеарните капацитети на Русија, но нападот врз такви цели носи симболична тежина“, рече Биби.
„Новата руска нуклеарна доктрина јасно наведува дека нападот врз клучна воена инфраструктура може да биде причина за употреба на нуклеарно оружје - особено ако таков напад е зад држава со нуклеарно оружје или ако таква држава ѝ помогнала.“
Биби верува дека Русија би можела да го сфати овој напад како заедничка операција на Украина и НАТО, без оглед на фактичките докази за тоа.
„Опасноста не е дали е вистина, туку дали Русија верува во тоа.“
„Советниците ќе му кажат на Путин дека мора да возврати“
Биби предупредува дека рускиот лидер Владимир Путин сега може да биде под голем притисок од своите советници.
„Тие ќе му кажат: „Ако не одговориме, САД и Украина ќе заклучат дека сме слаби и нема да ги браниме сопствените црвени линии, па ќе одат уште подалеку.““
Како потенцијален одговор, Биби ја наведува можноста за напад со напредни руски ракети „Орешник“ кои можат да погодат подземни командни центри во Украина.
„Доколку Русија предизвика масовно уништување околу Киев со тоа оружје, дали Трамп би можел само да стои настрана?“
Ризикот од директен конфликт меѓу САД и Русија расте
„Без сомнение, овој вид операција го зголемува ризикот од директен воен конфликт меѓу САД и Русија“, предупреди Биби.
„Трамп сега мора јасно и решително да му даде до знаење на Путин дека САД не биле вклучени во нападот и дека сакаат вистински мир.“
По операцијата, Зеленски повторно ги повика САД да ги зајакнат санкциите против Русија.
Според Биби, ова потврдува дека „вистинската публика за овој напад бил Вашингтон, а не Москва“.
Биби верува дека овој напад сериозно го оштетил имиџот на Путин.
„Украинците успеаја да ги префрлат беспилотните летала длабоко во Русија без никој да ги запре. Ова е срам за рускиот безбедносен апарат“, рече тој.
Иако не е сигурно дека Путин веднаш ќе почне да ескалира, Биби тврди дека ситуацијата е исклучително опасна.
„Доколку САД не преземат дипломатски чекори, ова би можело брзо да ескалира - можеби не веднаш во конфликт меѓу САД и Русија, но секако во ново ниво на бруталност во Украина.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата