logo
logo
logo

По две децении мистерија: ИСЧЕЗНАТАТА МАЈКА ОД СЕВЕРНА КАРОЛИНА Е ЖИВА

Vecer | 23.02.2026

По две децении мистерија: ИСЧЕЗНАТАТА МАЈКА ОД СЕВЕРНА КАРОЛИНА Е ЖИВА

Мајка на три деца која исчезна пред 24 години е пронајдена жива во Северна Каролина.

Се покажало дека водела двоен живот, а нејзиното семејство останало шокирано кога дознало дека е жива.

Мишел Хандли Смит исчезнала во декември 2001 година, кога имала 38 години, откако од својот дом во Иден заминала на божикен шопинг, оставајќи зад себе три деца на возраст од 19, 14 и седум години, пишуваат американските медиуми.

Пронајдена по 24 години

По повеќе од две децении потрага, Канцеларијата на шерифот на округот Рокингем соопшти дека Смит била пронајдена минатиот петок, „жива и здрава“.

Во потрагата по неа биле вклучени бројни агенции, вклучително и ФБИ. Истражителите на 19 февруари добиле нови информации за случајот и веќе следниот ден стапиле во контакт со неа.

Сепак, семејството можеби нема да ги добие сите одговори, бидејќи Смит, како што соопштија од канцеларијата на шерифот, побарала нејзината локација да не се открива.

„Со години не знаевме дали да тагуваме по неа или да ја чекаме“

„Ми доаѓа да излезам и да викам: ‘Жива е, жива е!’“, изјавила нејзината роднина Барбара Бирд за „ВФМУ њуз 2.

„Со години не знаевме дали да тагуваме по неа или да ја чекаме... Моето најголемо прашање за неа е: ‘Што се случи тој декември? Што те натера да заминеш? Што се случи?’“

Бирд додала дека ја почитува нејзината одлука. „Разбирам и ја почитувам нејзината желба никој од нас да не ја контактира. Не сум лута... Најголемиот одговор што го добив денес е дека е жива. Во овој момент ништо друго не е важно.“

Трогателна објава на ќерката

Откако дознала дека мајка ѝ е пронајдена, нејзината ќерка Аманда се огласила со долга објава на Фејсбук.

„Што се однесува до моите чувства кон мама... пресреќна сум, лута сум, скршена сум, целосно сум надвор од себе! Дали некогаш повторно ќе имам однос со неа? Искрено, не знам одговор на тоа прашање. Првата реакција ми беше ‘секако дека да’, но потоа се сеќавам на целата болка... Но повторно, и мојата мама е само човек, како и сите ние“, напишала таа.

„Додека мама беше дел од мојот живот, ми даде љубов и создаде врска што никогаш не се заборава. Секако, имаше расправии мајка-ќерка, но сега се сеќавам само на нашите насмевки, среќните моменти и љубовта што ја чувствував!“ продолжила, правејќи споредба со татко ѝ.

„Мојот татко отсекогаш е во мојот живот, ми дава љубов и имаме однос што никогаш нема да го заборавам! Имаше и расправии татко-ќерка, но ги паметам само насмевките, љубовта што ја чувствувам и поврзаноста што ја делиме! И мојот татко и мојата мајка заслужуваат нивните избори и чувства да бидат почитувани.“

Години неизвесност

Исчезнувањето на Мишел Хандли Смит со години го прогонувало нејзиното семејство, оставајќи ги со бројни неодговорени прашања.

На Фејсбук-страницата „Bring Michele Hundley Smith Home“, посветена на потрагата по неа, било наведено дека на денот на исчезнувањето се возела во својот темнозелен комби „понтијак транс спорт“ од 1995 година, кој никогаш не бил пронајден.

„Мишел никогаш доброволно не би ги напуштила своите деца. Очajно бараме одговори“, стоело на страницата, со напомена дека „вистинска истрага за нејзиното исчезнување немало“. Страницата сега ќе биде пренаменета за помош во други случаи на исчезнати лица.

Аманда во 2024 година на Фејсбук објавила потресна порака:

„Не знам што точно се случило. До ден-денес не сум сигурна дали сè уште си на Земјата или си починала. Знам само дека остави празнина во срцата на луѓето! Плачам и тагувам по врската што никогаш повеќе нема да постои... Те сакам и ми недостигаш секој ден. Лута сум поради болката, но најмногу сум лута што мојот брат и сестра мораа да ја чувствуваат таа патња. Ако те најдам жива, ако дознаам дека само си побегнала од сè... сигурна сум дека и понатаму би те сакала исто“, напишала тогаш.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk