logo
logo
logo

БИТКА ЗА КОНТРОЛА НА НАФТАТА: Што ако Америка навистина ги повлече силите од Ормуз?

Vecer | 02.04.2026

БИТКА ЗА КОНТРОЛА НА НАФТАТА: Што ако Америка навистина ги повлече силите од Ормуз?

Американскиот претседател Доналд Трамп, во обраќање пред новинарите во Белата куќа во вторникот, изјави дека американската воена акција во Иран би можела наскоро да заврши, со или без договор меѓу двете страни.

„Соединетите Држави многу брзо ќе го напуштат Иран, можеби веќе за две до три недели“, порача тој, додавајќи дека не е пресудно дали Вашингтон и Техеран претходно ќе седнат на преговарачка маса. Можноста за повлекување пред повторното отворање на Ормускиот Теснец, Трамп ја сугерираше и со објава на „Truth Social“, каде што на европските сојузници им порача сами да си обезбедат пристап до енергентите.

„Имам предлог за вас: број 1, купувајте млазно гориво од САД, го имаме доволно, и број 2, соберете малку одложувана храброст, одете до теснецот и едноставно земете го. Одете по сопствената нафта!“ порача американскиот претседател.

Четири сценарија

Што би можело да се случи ако САД навистина ја повлечат војската додека Ормуз и понатаму е блокиран? Главниот надворешнополитички аналитичар на „Telegraph“, Роланд Олифант, изнесува четири можни сценарија за развој на ситуацијата.

Првото сценарио предвидува Иран да ја задржи контролата врз преминот и да продолжи со ограничување на сообраќајот, дозволувајќи премин само за „пријателски“ и неутрални бродови. Ваквиот модел потсетува на она што Хутите своевремено го правеа во Црвеното Море.

Второто сценарио подразбира дополнителна финансиска корист за Техеран преку наплата на транзитни такси за бродовите. Според некои проценки, Иран веќе наплатува и до два милиони долари по танкер за безбеден премин низ теснецот. Се споменува и можноста за регионален договор за наплата на транзитот, во кој наводно би биле вклучени Пакистан, Египет, Турција и Саудиска Арабија. Ова би претставувало значаен извор на приходи, иако таквата практика веројатно би била во спротивност со меѓународното право за морето.

Третиот исход вклучува воспоставување на меѓународен конзорциум кој би управувал со пловидбата низ теснецот. Оваа идеја минатата недела ја изнесе американскиот државен секретар Марко Рубио на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г7, нагласувајќи дека целта би била да се осигура слободен проток без наплата.

Според пишувањето на „Telegraph“, Велика Британија веќе предводи иницијатива за формирање меѓународна поморска работна група, која би вклучувала воени бродови и дронови за заштита на танкерите. Сепак, ваквото сценарио зависи од прекин на огнот и барем имплицитна поддршка од страна на Иран.

Четвртата, воедно и најмалку веројатна опција, е целосна нормализација на ситуацијата, односно Иран да престане да ги напаѓа бродовите, а САД да прогласат победа.

„Знам дека во ОН и во Меѓународната поморска организација се водат разговори за изнаоѓање на некаков вид хуманитарен коридор со цел повторно да се осигура преминот на пловилата. Но, во моментов тоа се само разговори. Во сите сценарија ќе дојде до пречки во снабдувањето кои ќе траат со месеци, а не со недели“, предупредува аналитичарката Мишел Бокман од разузнавачката компанија „Windward“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk