Се чини дека со ова се согласуваат и најважните италијански весници и на своите страници го нарекуваат „Папата на отфрлените“, а „Кориере дела сера“ во својот уреднички текст му оддава почит на „апостолот на мирот“.
„Црквата е прибежиште за човештвото. Дури и за неверниците. Во текот на овие 12 долги и болни години, вратите на ова прибежиште им ги отвори еден римски епископ кој пристигна од крајот на светот. И тој никогаш не престана да ги отвора, дури и кога веќе немаше сила да го стори тоа. Никогаш не престана да нè прима, дури и кога веќе немаше глас да нè поздрави“, напиша Феручио де Бортоли.
„Душата на Војтила, главата на Рацингер, срцето на Бергољо. Се чини дека Светиот Дух ја заврши конечната идентификација на ликот на врховниот понтиф, комплетирајќи ја папската тројка што ја одбележа модерната ера“, пишува Ецио Мауро за дневниот весник „Ла Република“, мислејќи притоа на Јован Павле Втори, Бенедикт Шеснаесетти и папата Франциск.
Најважните шпански дневни весници на насловната страница пишуваат: „Крајот на социјалниот и реформистички понтификат“.
Каталонскиот весник „Ла Вангардија“ пишува „Збогум Франциск, храбар папа“, додека „Ел Мундо“ на својата насловна пишува за „папата што ја разбранува црквата, сакајќи да им даде глас на исклучените“.
Францускиот десничарски дневен весник „Фигаро“ на насловната страница едноставно пишува „Збогум“, како и повеќето медиуми, сметајќи го Франциск за „народен папа“ и „папа на сиромашните“. Вакви наслови се појавија во весникот „Ле Паризијен“
Други, како што е „Либерасион“, ја истакнуваат неговата посветеност на „мигрантите“ и „еколошките прашања“, додавајќи дека тој сепак „разочарал во социјалните прашања“ како што се абортусот.
„Ако, во годините што претстојат, неговата порака, искажана со слаб глас со кој во неделата тој го осуди подемот на антисемитизмот во светот и хуманитарната катастрофа во Газа, биде пропуштена, тоа ќе биде затоа што Франциск претставуваше се што мрази екстремната десница во светот“, смета левичарскиот весник.
Во Португалија, дневниот весник „Публико“ го споменува „омилениот папа на народот и папа атеист“ чиј „избор предизвика цунами“ и потсетува дека „овој папа“ се обидел „да го направи доживувањето на папата помалку свето“.
За португалскиот „Кореио да Манха“, Франциск ќе остане папа за „се, се, се“.
Во Полска, земја со силна католичка традиција, смртта на папата ја сметаат за „уште еден фактор што ја зголемува нестабилноста на современиот свет“. Така пишува во уводникот на централно-десничарскиот либерален дневен весник Rzeczpospolita.
Изневерени очекувања, сложено наследство
Грчкиот весник „Ефсин“ (левица) го поздравува папата кој беше „скромен и покорен до крај“, а „Та Неа“ (центристи) папата „кој го потресе Ватикан (...) заради сиромашните, мигрантите и најслабите“.
Во Велика Британија, весникот „Гардијан“ го почитува споменот на „револуционерниот водач на Католичката црква“. „За време на неговиот 12-годишен понтификат, Франциск, првиот језуитски папа, беше застапник на сиромашните (...) и обесправените и жесток критичар на глобалната алчност, како и на социјалната и економската нееднаквост.
Но, „Дејли Мејл“ се прашува дали „неговите реформи ќе ги продолжи неговиот наследник“. „Католиците мора да го земат предвид сложеното наследство на Франциск, неговиот либерален пристап кон правата на ЛГБТК+, бегалците и климатските промени“, пишува британскиот дневен весник.
„Дејли Телеграф“ звучи малку контрадикторно кога го пишува следново: „Многу католици неизмерно го сакаа“ поради неговата блискост со народот, но „конечната рамнотежа ќе биде разновидна. Ветуваше вклучување и оставаше поделби (...), владееше како автократ“ и „немаше симпатии кон критичарите“.
„Тајмс“ го пофалува „родениот борец“, но стравува за наследството на Франциск со оглед на „поделеноста на црквата соочена со низа предизвици, од решавање на скандалите со злоупотреба на деца до одлуки за улогата на жените во црквата, како и правата на хомосексуалците и повиците за реформи во финансиите и управувањето на Ватикан“.
„Франциск стана свештеник на сиромашните, свештеник на бегалците. Дури и кога стана кардинал, проститутките од тогашното соседство доаѓаа кај него на исповед“, пишува германски „Билд“.
Други германски медиуми изразуваат разочарување, како што е „Франкфуртер алгемајне цајтунг“: „Во споредба со неговите претходници, Франциск на почетокот изгледаше речиси револуционер. Но, од перспектива на многу католици во оваа земја, на крајот успеа да промени премалку работи“.
Германскиот неделник „Шпигел“ пишува дека се чини дека „не можел или тешко успеал да ги промени строгите догми“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата