Европските лидери побараа однос базиран на почит и меѓународното право од американскиот претседател Доналд Трамп, на итниот состанок доцна во ноќта во Брисел на кој се дискутираше иднината на трансатлантските односи кои се најдоа на сериозен тест по намерите на САД да присвои територија на ЕУ членка. Стратешка автономност и поголема независност на ЕУ виз-а-ви Америка е новата цел на која ќе работи Унијата, најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
-Дискусијата беше и за јасноста со која знаеме дека мораме сè повеќе да работиме на независна Европа. Ова нема да се случи преку ноќ, туку е тешка работа. Главните теми на кои треба да работиме за независна Европа се економска моќ и безбедносна инфраструктура,- -Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европска комисија.
-Трансатлантските односи дефинитивно претрпеа голем удар изминатата недела. Во една година научивме дека овие односи не се истите што беа. Од европската перспектива, не сакаме да фрлиме 80 години од добри односи. Ние сме подготвени да дејствуваме за да ги одбраниме нашите вредности, нашите интереси, мислам дека ова е сигналот што треба да го испратиме и до нашите противници и до нашите сојузници,- -Каја Калас, висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ.
Една од најповиканите на овој кризен состанок – данската премиерка Мете Фредериксен, посочи дека Данска, ЕУ и НАТО се подготвени да соработуваат заеднички со САД за интегрална безбедност и инвестиции во Арктичкиот регион, но црвената линија останува територијалниот суверенитет.
-Дали се уште може да им верувате на САД?
Соработувавме многу блиску со САД со години, но мора да работиме заеднички со почит, без да си се закануваме меѓусебно. Јас се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата и како соработуваме како сојузници,- - Мете Фредериксен, премиерка на Данска.
Во меѓувреме останува нејасно, каква рамка за иден договор за Гренланд преговараа американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на НАТО Марк Руте во Давос. Трамп најави дека се работи за поголемо присуство на НАТО и САД во Арктичкиот регион и американски права на минерални суровини од Гренланд, меѓутоа, Руте најави дека преговорите ќе продолжат трилатерално меѓу САД, Данска и Гренланд.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата