Сите клучни лидери, освен Путин, попладнево одржуваат виртуелен самит во обид да ги намалат стравувањата дека рускиот лидер во Алјаска би можел да издејствува поволни позиции за ставање крај на војната во Украина. Трамп, Зеленски, Макрон, Мерц, Стармер, Фон дер Лајен, Руте се дел од видео конференцијата, од која украинскиот лидер очекува дека ќе се изврши притисок врз американскиот претседател да не натежне на руска страна.
-Мирот може да биде траен само со учество на Украина во носењето на релеванти одлуки. Постои принципиелна позиција на европските лидери, јасна изјава на 26 земји членки на ЕУ. , изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Петочната средба Трамп – Путин, прва по четири години, ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во градот Енкориџ. На маса според најавите несомнено ќе се најде и темата за размена на територии и статусот на Донбас во услови кога Русија контролира една петина од украинската територија. Белата куќа со воздржани тонови околу епилогот од самитот.
-Мислам дека ова ќе биде „вежба за слушање“ на претседателот. Само една страна што е вклучена во оваа војна ќе биде присутна, па затоа претседателот треба да оди и да стекне поцврсто и подобро разбирање за тоа како би можеле да ја завршиме оваа војна. , изјави каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
И повеќето аналитичари не очекуваат чуда во Алјаска, но очекуваат мачна шах партија, по која ќе биде појасно колку руските апетити се реално прифатливи во однос на територијалните отстапки.
-Вистинската метрика тука, лицето кое се тестира е Путин. Прашањето не е дали Трамп ќе покаже цврстина, туку дали Путин ќе може повторно да ја активира КГБ магијата за да воспостави блиски лични односи за да го добие она што го сака. , изјави Џон Болтон, екс советник за национална безбедност на Трамп.
Москва денеска соопшти пред средбата во Алјаска украинските сили планирале голема саботажа и напади врз цивилни цели во Харков за која би ја обвиниле Русија, а со цел да се минираат обидите за решавање на конфликтот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата