„Торнадото на Трамп го промени светот за само неколку недели“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан на митингот на европската десница „Патриоти за Европа“ (PfE) во саботата во Мадрид: „Вчера бевме еретици, сега сме мејнстрим“, нагласи Орбан, како што објави „Њујорк тајмс“.
Митингот на групата основана во Европскиот парламент, минатата есен, се одржа под слоганот „Направете ја Европа повторно голема“. Нивната цел е да го реплицираат Трамповото „Направете ја Америка повторно голема“ во Европа, приспособувајќи ги политиките што се користат во САД и Латинска Америка. Партијата се состои од партијата на Марин Ле Пен, Фидес на Виктор Орбан, Лега на Матео Салвини, партијата на Герт Вилдерс (Холандија) и поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш.
Во Европскиот парламент, „Патриоти за Европа“ има 86 европратеници и е трета по големина група по Европската народна партија (ЕПП) и Социјалистите и демократите (С&Д), според Euronews. Лидерите на крајната десница истакнуваат дека враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа сигнализира дека е време Европа да се промени.
„Живееме во историска ера и мојата порака до сите стари лидери, од Макрон и Шолц до вашиот Педро Санчез - вашето време заврши. Тие се историја“, рече Герт Вилдерс, лидер на холандската партија ПВВ.
Лидерот на португалски Чега рече дека мора да го направат она што им го кажал Трамп, да се борат. „Мораме повторно да ја освоиме Европа која е наша и која ни припаѓа. Христијанска Европа“, нагласи тој. За нив американскиот претседател ги проби и последните бариери кои ги држеа нивните партии на политичките маргини. Табуата се скршени, според NYT.
Изборот на Доналд Трамп не може да се гледа како едноставна промена во една демократска земја, истакнува Марин Ле Пен. Се соочуваме со вистински глобален пресврт, сите разбираат дека нешто се смени, ЕУ се чини дека е во состојба на шок, вели таа. PfE вели дека се заснова на националниот суверенитет, традиционалните вредности и одбраната на слободата на говорот и безбедноста.
Гостин на собирот беше Кевин Робертс, претседател на американскиот конзервативен тинк-тенк The Heritage Foundation. Беа емитувани видео пораки од венецуелската политичарка Марија Корина Мачадо и аргентинскиот претседател Хавиер Миел. Тие разговараа за стратегиите за укинување на Зелениот договор и ја осудија „инвазијата“ на муслиманските имигранти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата