Романија и Бугарија стравуваат од какви било значајни промени на статус кво во Црното Море што би се случиле како дел од потенцијалниот поширок договор меѓу Русија и САД, бидејќи би ја проширил оперативната зона на руската морнарица, објави денеска „Фајненшл тајмс“ (ФТ), цитирајќи официјални претставници од регионот на Црното Море.
Според лондонскиот весник, европските земји со излез на Црното Море со загриженост го следат напредокот на преговорите во Ријад, во чии рамки утринава во 8 часот почна средба на делегациите на Русија и на САД.
Украина, според британскиот весник, ја протерала руската морнарица од западниот дел на Црното Море, а каков било договор постигнат на тековните преговори во Ријад се очекува да биде од корист за Москва, според неименувани официјални лица, додавајќи дека тоа може да ја загрози безбедноста на Романија и Бугарија без тие да имаат никакво влијание врз неа.
„Тоа е во нашето соседство и не им веруваме на Русите ако им се дозволи поголема слобода да дејствуваат“, рече еден од официјалните лица.
Техничкиот состанок на „техничките тимови“ на Русија и САД започна утринава во 8 часот во Ријад, Саудиска Арабија, а се очекува разговорите да бидат фокусирани на нијансите за можното обновување на иницијативата за безбедност на пловидбата во Црното Море, за која се разговараше за време на последниот телефонски контакт меѓу претседателите на двете земји Владимир Путин и Доналд Трамп.
Главниот пратеник на Трамп во Русија, Стив Виткоф, вчера изјави дека денеска во Ријад ќе биде постигнат „вистински напредок“, особено кога станува збор за прекин на огнот во Црното Море што би се однесувал на пловидбата на бродови меѓу двете земји.
Сепак, Кремљ оцени дека претстојат „тешки преговори“ и дека ова е „само почеток на патувањето“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека главниот фокус на преговорите на Русија со САД ќе биде можното обновување на договорот за безбедно поминување на бродови што превезуваат стоки за украински земјоделски извоз преку Црното Море, што беше посредувано во 2022 година од Турција и ОН.
Москва се повлече од договорот во 2023 година, обвинувајќи го Западот дека не ги исполнил своите ветувања за олеснување на санкциите за рускиот извоз на земјоделски производи и ѓубрива.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата