Косовскиот парламент беше масовно евакуиран денеска, непосредно пред да започне 42-то продолжение од конститутивната седница, поради добиена безбедносна закана.
По добивањето на алармот, пратениците веднаш ја напуштија пленарната сала, а обезбедувањето побара од новинарите да ја напуштат зградата, согласно предвидените протоколи.
Гљаук Коњуфца, поранешниот претседател на парламентот, изјави дека биле известени за телефонска закана и оти се преземени сите неопходни безбедносни мерки.
Во моментов, не се откриени повеќе детали за видот на заканата или дали има осомничени лица.
Инаку, токму на оваа седница Собранието повторно требаше да се обиде да избере нов претседател, по неуспешните обиди реализирани во изминатите неколку месеци.
Поминаа пет месеци од одржувањето на парламентарните избори, додека од конституирањето на овој парламентарен состав минати се три месеци – но Косово сè уште нема избрано претседател на Собранието.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата