logo
logo
logo

ЕУ повика на целосно почитување на прекинот на огнот во Газа и мирна транзиција во Сирија

Vecer | 20.03.2025

ЕУ повика на целосно почитување на прекинот на огнот во Газа и мирна транзиција во Сирија

Европската Унија ја нагласува потребата од премин кон втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа и од негово целосно спроведување, ослободување на сите заложници и траен крај на непријателствата, се наведува во заклучоците од денешниот Самит на ЕУ во Брисел посветени на Блискиот Исток. 

Лидерите изразуваат жалење поради обновените насилства и цивилните жртви во последните воздушни напади во Газа, како и поради одбивањето на Хамас да ги ослободи преостанатите заложници.  

- Европскиот совет повикува на итно враќање на целосното спроведување на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Европскиот совет потсетува на важноста на непречен пристап и одржлива дистрибуција на хуманитарна помош низ Газа, се наведува во заклучоците. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, лидерите на ЕУ го поздравува и Планот за обнова на Газа усвоен на Самитот на Арапската лига во Каиро на 4 март и ја нагласуваат својата цврста посветеност на траен и одржлив мир на Блискиот Исток заснован на решението со две држави.  

Во заклучоците се осудува неодамнешното насилство врз цивилите во крајбрежниот регион на Сирија и се повикува на обезбедување заштита на сите цивили и повикување на одговорност на сторителите на насилството. 

- Европскиот совет ја нагласува важноста од мирна и инклузивна транзиција во Сирија, ослободена од штетно странско мешање и заштита на правата на Сиријците од сите етнички и верски потекла без дискриминација. Независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија во безбедни граници треба целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право, се наведува во документот. 

Лидерите на земјите членки на ЕУ го поздравуваат и излезот на политичкиот ќорсокак во Либан и ја изразува подготвеноста на ЕУ да работи со новите либански власти за стабилизирање на економската и безбедносната ситуација во земјата. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk