logo
logo
logo

ЕУ одобри 60 милиони евра помош за Вооружените сили на Либан

Vecer | 21.01.2025

ЕУ одобри 60 милиони евра помош за Вооружените сили на Либан

Овој трет пакет помош за либанските Вооружени сили има за цел зајакнување на нивните капацитети за обезбедување и одржување на стабилноста во јужниот дел на земјата.  

- Мерката ќе придонесе за заштита на цивилното население во регионот. Мерката за помош, исто така, ќе ги подобри оперативните способности и ефикасноста на Вооружените сили на Либан за да придонесат за националната и регионалната безбедност и стабилност, со што ќе им се овозможи на раселените цивили од двете страни (на либанско-израелската граница) да се вратат во своите домови, се наведува во соопштението на Советот. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас оцени дека најавата за оваа нова значителна помош за либанските Вооружени сили доаѓа во критичен момент за спроведување на Договорот за прекин на огнот меѓу Либан и Израел.  

- Вооружените сили на Либан се од суштинско значење за регионалната и внатрешната стабилност и ја заслужуваат сета наша поддршка во извршувањето на нивната клучна мисија. Европската Унија и нејзините земји членки се силно посветени на поддршка на либанските државни институции и на обнова на партнерството ЕУ-Либан, нагласи Калас. 

Според ЕУ, планот за прераспределување на припадници на Вооружените сили на Либан на југот од земјата, јужно од реката Литани, е од клучно значење за реализација на меѓународните напори насочени кон постигнување траен прекин на огнот и спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.  

- Вооружените сили на Либан, заедно со Привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), се главниот гарант за воспоставување на неопходните безбедносни услови за враќање на стабилноста и безбедноста на населението од двете страни на границата, се додава во соопштението. 

Европскиот мировен фонд е основан во март 2021 година со цел финансирање на активности во рамки на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност. Преку Европскиот мировен фонд, ЕУ може да финансира активности насочени кон зајакнување на капацитетите на трети држави, како и на регионални и меѓународни организации, поврзани со воени и одбранбени прашања. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk